Колумна на проф. Ана Чупеска: Весели Цветови

Што да Ви кажам мили мои, колку убава приредба организираа милите дечињата од киндергарден Весели Цветови, во уставот позната под името Собрание на Република Северна Македонија.

Па така, од жешкото лето на Европскиот фронт во најава, добивме, нова „голема група” дечиња, или т.н. Собраниска комисија за правична застапеност; за да се осигура поддршката за новата влада.

Или, ВМРО, го продаде кучата, т.е. го предаде народот, што би рекле, враќајќи се во топлите прегратки на ДУИ. Или, ДУИ се сопна?!

Нема везе што во Собранието има цел уставно регулиран Комитет за односи меѓу заедниците, во кој, според духот на таа институција: и имплицитно и експлицитно се третира правичната застапеност на заедниците преку принципот на гарантираното претстување.

Ма нема тоа везе.

Има везе само тоа дека проследивме колосален етноцентричен кампањиран БЛЕФ дека ДУИ и ВМРО се скарале!

Каква претстава мили мои, слободно, може да ја пласирате директно на сцената на театарот Бољшој.

Ете тоа се тие непробојни релации; произлезени од страстни врски – нераскинливи.

Што ќе речат за ова легалните партнери од ВЛЕН и ЗНАМ ?

Или народот, што го етноцентриравте без грам совест и со ваква плитка причина?!

Ништо нема да речат, се разбира, оти во народот се знае „еднаш швалер, секогаш швалер”, така вели старата поговорка. Тие врски, имено, втемелени на страст и проследени со passion crimes, велат искусните предатори, дека биле најслатки за инфантилитетите, особено за оние политичките субјекти. И овој пат, на искушенијата не се одолеа, па се споија во двотретинска формација и во 02.30 по полноќ станаа едно заедничко тело. Топло тело, не лето, Другарчиња…

Ние што се уплашивме да не дојде недајбоже до меѓуетнички тензии, сега може мирно да спиеме, се до нивната следна претстава.

Ха ха ха..

Честитки за претставата, дури и Ви поверувавме.

Не знам до душе до кога ќе може да се умириме, оти, нестабилни лица може сепак да не зезнат, па, во исчекување сепак сме и на некоја следна приредба, де.

Но, привремено, барем, би можеле да се успокоиме. Така што, сега за сега, се си е по таман и NO WORRIES, се е кристално јасно.

Другарчиња, се си е FINE, и се одвива според годишниот план и програм во киндергарден Весели Цветови!