Колумна на професор Ана Чупеска: Слава и!

Имам впечаток дека во сенка на бахатите политички појавности останува како недоволнo образложен самоубиствениот крик на Родилката.

Личните причини за овој чин, ќе треба да останат само такви : лични. И, тоа мора да се почитува заради нејзиното достоинство и достоинството на нејзиното семејство. Тие, не се должни да страдаат од јавните паланечки – рекла казала и фејсбук толкувања. Одвратни сте со коментарите – вие, радознали воајери. Очајни сте, со жутоштампарската заинтересираност. Нула свест ниту за неа ниту за траумата на нејзиното семејство.

Нека почива во мир и во спокој, жената!
Слава и!

Причините за низа самоубиства не треба да не интересираат на едно такво површно ниво, туку на системско. Затоа што никогаш тие не се само лични крикови на беспомошност и не ретко се многу повеќе од тоа. Секогаш со ефект „од” и „спрема” непосредната и пошироката околина.

Со други зборови, психичкото и политичкото не се взаемно исклучиви реалности, и тие се еден таков однос на постојана спрега и меѓузависност – која не смее да се игнорира.

Ова е доказливо уште од времето на Првата Светска Војна, а особено Втората Светска Војна кога и самата психијатрија на фашистичкиот естаблишмент пробува да ги нормализира екстерминациите. Или пак, во авторитарните политички системи кога се нормализираат нехуманите постапувања. Слично, денес во услови на брутален капитализам се комодифицира психичкото здравје. Но тоа е долга тема за една ваква кратка колумна. Поентата ми е дека врз психичкото здравје на луѓето во многу аспекти влијае и социо-политичката атмосфера. Тоа е факт. И тоа е таков факт кој не смееме да го занемаруваме.

Затоа, и прашањето кое мора да го адресираме, и вистина итно!; многу погласно и посовесно изискува политички сериозен, одговорен пристап и фокус кон психичкото, менталното и емотивното здравје денес во земјава. Особено, во услови на дисоцијативни политички состојби, постпандемиски трауматски ПТС доба, кризни состојби и изобилие на нестабилни животни приказни и околности со прекарни атрибути; медиумски индуцирани атаци кои проектираат неизвесни иднини и стимулираат вознемиреност и несигурност (политичка пропаганда од десно) и особено во локалната и простачка средина каде се стигматизираат се уште душевните страдања.

Овде,

Не се води доволно грижа за сериозните последици од нетретирањето на душевните заболувања, менталното здравје и емотивната добросостојба – како еден нивен предуслов.

Овде, идејата за матичен психолог на пример успешно пропадна (sic!).

Во образованието нема воља да се воведе предмет кој ќе се занимава со животни вештини за справување со себе и интроспекција , како што е например грижата за сопствената психичка добросотојба;

Овде на децата, родителите и наставниците им се ЗАКАНУВААТ со #Психолог!

Овде децата не ги учиме на свест за сопствените чувства и ги тераме да ги игнорираат своите емоции, а хиперсензитивните ги етикетираме дека драматизираат и дека нивните психоемотивни состојби се непожелни. Емпатијата е надвор од нашиот видеокруг.

Овде, на јавна говорница во перламентот се потмсеваа со траумите на една министерка;

Едноставно се нема чувство за осет за елементарна самопочит – а камо ли пак за почит на Другиот.

Постпородилна депресија ли е, семејно психичко насилство ли е, анксиозност ли е, Коста Кецмановиќ ли е?
Повеќе не е ни важно!

Но, ургентно е да се освестиме дека мора многу да инвестираме во менталното здравје на „нацијата” (колку и да звучи парадоксално тоа!)