Колумна на професорката Чупеска: KINDERGARTEN POLITIK

По тековниот проблем со ѓубрето колумна напиша професорката Ана Чупеска. Колумната интегрално ја пренесуваме во продолжение.

Невозможно беше да се воздржам од адресирање на ѓубраџискиве состојби. Симптомите на нашата неизлечива болест: непозната во автоимунолошките самоутепувачки пориви на народите низ светот што се јадат самите себе.

Поточно, ова што ни се случува е показна вежба за тоа како преку локалната власт на ВМРО: Може да се испланира комплетно вандализирање на целата држава: со самоубиствени и усмрдени контаминации. Како поинаку, што си мислевте?!

Прво, тенденциозно да не закопа во ѓубре, а потоа демек со по некоја вештерска летечка метла ќе ни мавтаат дека ете доаѓаат свесните и одговорни ВМРО-овци да ја спасат Маќедонија?!

Тоа е другарчиња, слика и прилика како најпластично изгледа во реалноста планот за иднината и за прогресот на државата на Мицкота.

Како контејнер!
Усмрден и контаминиран.

Откако ќе не фрли во амбисот кој ќе го создаде од исклучиво лични и никакви други поинакви амбиции: најверојатно дури тогаш, ќе се „фати за работа” и за нашата ЕУ перспектива.
Екстремно плитко. Тотално неодговорно. Алчно до бескрај.
И, уште нешто :
Немало да комуницираат.
Уф, се потресовме!
Мислам стварно страва и ужас – од патетикава.
Киндергартен политика.
Ред солзи, ред мрсоли.
Искрено, не гледам некоја особено вознемирувачка пресвртница со оваа „радикализација во прекинот на секаквата комуникација” (ха ха ха ха) Дека до сега, комунукацијата беше врхунска, суштествена и конструктивна… Не, туку беше сведена на мумлање и кукање, така што желбата е ништо повеќе од тоа да се самофакторизираат, а попатно ако може и да изнудат политичка криза која они треба да ја решат – Pulp Fiction.

Не знам уште кој не му (у)кажа, а верувам и дека многумина блиски му шепнале дека ако паднеме на оваа лесна формална препрека – наречена внесување на Бугарите и ДРУГИте во Уставот, сигурно ќе ни требаат барем најмалку 15 години да дојдеме до точката на која сме сега и тоа во идеални услови (што би се рекло лабараториски: ceteris paribus), a кои се разбира дека нема да бидат такви во реалноста, затоа што со сигурност ќе излеземе од фокусот на интерес на нашите стратешки партнери. И во едно такво сценарио ќе бидеме приморани на мноогу поголеми и посуштествени и не само уставни измени. За внатрешните превирања и можните сценарија не сакам да отворам дискусија. Тие се особено загрижувачки и линеарно се движат од бугарско сценарио, до авторитаризам и внатрешна дестабилизација, па се до имплозивна меѓуетничка тензија, а во сите случаеви тие се придружени со сериозни безбедносни опасности.

Се надевам дека оние што му шепкаат на Мицкота ќе се охрабрат и ќе станат погласни. Се надевам, затоа што, надежта последна умира , дури и кај такви како мене.

Приказните за нова преговарачка рамка, за ревизија на Преспански, се невозможни и неостварливи! Доста лажете! Освен, во случај, доколку намерата не ви е да се вратиме во едни многу понеизвесни состојби и да се испенрариме на безбедносен ролеркостер.

Сме виделе многу лажги со опашки од „демократските” идеи на ВМРО, но, овој пат влогот е многу сериозен и е огромен, па крајно време е да се отпишете од градинката и да ја напуштите kindergarten politik.

ПС. Ако имате скришни планови каде ќе ви живеат децата, ние немаме.