Колумна на Бранко Азески: Трилинг во Парламентот, Трилинг во Берлин

Трите закони за кои минатата недела остварив работна средба со Талат Џафери, претседател на Собранието на РСМ, се од исклучително големо значење за одржување на економската активност на стопанството во целост, кое во услови на глобална неизвесност и криза е дополнително усложнето поради нефункционалноста на системот, т.е. не донесувањето на законски решенија од интерес за економијата во целост.

Комората овој пат директно и конкретно се стави во улога на мост помеѓу Владата (позицијата во Собранието) и опозицијата, бидејќи алармот на компаниите стана се погласен, дека во услови на глобална неизвесност, намалена ликвидност и криза која го менува обликот во континуитет, работењето им е дополнително усложнето поради не носењето на измените на Закони кои ќе го олеснат нивното работење, а бенефитот ќе биде повеќекратен. Компаниите ќе опстојат, ќе се зачуваат работни места, ќе се платата давачките во буџетот.

1.
Важноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, со кој се овозможи на кровна конструкција на објект да постават фотонапонска електроцентрала без решение за поставување, согласно членот 74 на овој закон, го олеснува процесот на поставување на фотоволтаици, што како мерка за справување во услови на енергетска криза значи одредена заштеда од аспект на набавка на скапа електрична енергија на слободниот или регулираниот пазар. На тој начин во еден дел се олеснува и проектирањето на трошоците за компаниите кои ќе инвестираат во фотонапонска електроцентрала бидејќи дел од енергијата ќе ја обезбедуваат од сопствени извори.

2.
За извозно ориентираните компании е од особено значење да се изгласа во Собранието процесот на ратификација на ревидираната ПЕМ конвенција за извозот на пазарите на ЦЕФТА за изменувањето и дополнувањето на Анекс 4 на ЦЕФТА 2006, затоа што ќе овозможи, меѓу другото, да се укине забраната за поврат на царина за суровини без потекло, со што се намалуваат трошоците на извозниците. Со тоа тие стануваат поконкурентни на пазарите во регионот, а се олеснува и добивањето ЕУР 1 сертификат за потекло.

Земјите потписнички (членки на ЦЕФТА) преземаа обврска да го завршат овој процес до 30 јуни 2022г., за договорот да може да се применува од 1 септември 2022г. Овој процес го нема завршено само нашата држава. Ратификацијата на ПЕМ конвенцијата, кај нас, од страна на Собранието требаше да се случи на 73-та седница, на 27.06.2022г.

Комисијата за надворешни работи во Собранието на РСМ со која претседава пратеникот Антонијо Милошоски, даде зелено светло за ратификација ревидираната ПЕМ конвенција за извозот на пазарите на ЦЕФТА и се очекува до 27 октомври истата да биде изгласана од пратените на седница.

3.
Предлог на Законот за гаранција на РСМ на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот за поддршка на ликвидноста на АД ЕСМ – Скопје кој ќе се склучи меѓу ЕБОР и АД ЕСМ – Скопје, со доделување на заем во износ до 100 милиони евра, обезбеден со државна гаранција, е блокиран поради тврдењето на опозицијата дека доделувањето на заемот е условено со деактивирање на ТЕЦ Осломеј до 2023 година и на РЕК Битола заклучно со 2027 година. Имајќи ја во предвид важноста на овие две термоелектрични централи за економската активност на државата, Стопанската комора на Северна Македонија и официјално ќе се обрати до Европската банка за обнова и развој со допис за пролонгирање на ваквите процеси со цел во услови на глобална криза со цел законот да биде поддржан од опозициската партија за надминување на потешкотиите во снабдувањето со електрична енергија, што е клучен проблем во моментов. Најголем дел од заемот е наменет за оперативни трошоци во ХЕЦ Маврово, ХЕЦ Тиквеш, ХЕЦ Треска, ХЕЦ Црн Дрим и Дирекција, како и за набавка на електрична енергија од лиценцирани трговци со електрична енергија и набавка од операторот на електропреносниот систем, АД МЕПСО.

П.С. Улогата на Комората во интерес на стопанството е секаде каде има можност да помогне процесите да бидат во функција на економскиот развој. Тоа го потврдуваат и интегративните процеси во регионот, каде Комората има влијание преку КИФ. Следниот четврток во Берлин, лидерите на земјите од Западен Балкан со останатите земјите членки на ЕУ а дел од Берлинскиот процес (Германија, Франција, Австрија, Италија, Словенија, Хрватска, Грција, Полска, Бугарија) и Велика Британија, ќе усвојат три спогодби со кои, прво, ќе се одобри патување со лични карти низ целиот регион на Западен Балкан, второ, во рамки на регионот ќе се признаат професионалните квалификации на докторите по медицина, по стоматологија и архитекти, во формат којшто ќе ги отстрани бариерите на националното законодавство, а ќе се поедностави и процесот на нострификација на дипломите за високо образование во сите 6 земји на ЗБ. И трето, во најава е и укинување на визниот режим помеѓу Косово и Босна и Херцеговина.

Колумна на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија – Бранко Азески