
Кога два дена за ред во вашата земја, турнеја имаат супер старс од видот на Борел (комесар за надворешна политика и безбедност на ЕУ), Вархеј (комeсар за проширување) и Ескобар (специјален пртставник на САД за Западен Балкан) тоа воопшто не е наивна работа. Очигледно е дека на Балканов се „кува манџа” од која или ќе се отруеме или ќе се опраиме. Но, што ќе се срка на балканите, секако зависи и од нашето севкупно однесување.
Како и да е, придобивките за нас од оваа посета може да се протолкуваат како „ветар во грб” за да го забрзаме нашиот развој, но, и да внимаваме какви намирници користиме во манџата. Стари и бајати намирници не се препорачуваат во услови на актуелнава војна во Украина. Уште поважно добивме и „по уши” опоменување дека Балканот е се уште плодна почва за поткусурување на путиновите аспирации и дека не е баш најпаметно да кокетираме со евроатланската агенда за регионов, затоа што така може да се заиграме со кибритчиња, а тоа не и е во интерес на западната хемисфера!
Поенче плус и охрабрување за нас, стигна реално, затоа што сме и референтен пример за мирно решавање на спорови (особено Охридиски и Преспански договор, тука се издвојуваат како позитива) и тоа е супер. Па, затоа, имено, и преговарањето меѓу Курти и Вучиќ се одвиваше токму во Охрид – со очекување дека гравитационалата снага на македонскиот помирувачки дух ќе ги закачи и нив. Сега за сега – има добар ефект!
Треба да ни е кристално јасно дека Балканот функционира како сврзани садови, особено кога има потреси и нарушувања на безбедносната сфера и токму затоа решавањето на недовршените мировни дејствија на Балканот мора конечно да се обединат во една синхронизирана акција и решенија каде сите ќе бидат „малку несреќни”, ама крив ќе им биде некој друг, што е одличен рецепт за суштинско помирување.
Значи, на Ковачевски – како премиер на РСМ му се даде уникатна можност да претседава со состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација на ЕУ, и воедно второ, на земјава и се пружи прилика за поголема видливост, по повод преговорите за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, затоа што беше домаќин на таа особено важна операција. И од мене, искрени честитки за оваа операција и лобингот поврзан со тоа.
Но, ајде сега да видиме колку чини оваа посета, и дали е без цена, или како што кажа „апла” Борел:…”оваа годена е клучна и ова е најдобрата ЗДЕЛКА што може да ја добиете”… …”не е реалистично да очекувате дека преговарачката рамка повторно ќе се отвори”… …” сега е време сите политички партии да си ги преземат своите обврски и искрено да работат на продолжување на оваа патека”…
Кој не сфаќа, еве да појаснам ова е недвосмислена порака до опозицијата – да не си дозволи да го кочи европскиот пат и да не ги лаже граѓаните дека нова преговарачка рамка е можна! Да, во едно крајно автодеструктивно сценарио, се согласувам дека е можна – но, верувајте, ќе биде далеку понеповолна од оваа што ја имаме сега! Драматично самоуништувачка …
Постојат многу историски примери каде испуштената прва шанса на некои земји многу скапо ги чинела!
Интересното е дека од супер ѕвездите, освен што беа упатени пораки до опозицијата има и една значајна порака и до власта, испратена од Вархеј, кој опомена дека имаме одговорност да ги забрзаме реформите поврзани со независното судство, со владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал, и особено битно : дека одговорноста за ова посебно лежи во Владата и Собранието …„треба и Владата и Собранието да ја забрзаат работата на реформите“… рече овој човек – главен за проширувањето.
Значи да резимирам, пораките до нас се многу јасни и концизни:
1. уставни измени – час поскоро и национален консензус за членството на РСМ во ЕУ!
2. терминална борба со корупција, криминал, реформи во судство и владеење на право!
Оттука, пак се враќаме не почетокот, и клучното прашање: на кому му одговара да сме надвор од евроатланскиот прогресивен свет, и конечно, на кого му одговара неодлучна и скромна пресметка со криминалот и корупцијата?