Колумна на Александар Бежовски: ЕМ НЕМОЌЕН, ЕМ ПОНИЖЕН!

Покрај тоа што американската амбасадорка Агелер беше воодушевена од изговарањето на името на нашата држава, Северна Македонија од страна на Мицкоски и новата Влада, вчера даде интервју и со прилично недипломатски и тврди изјави потврди, спротивно на целата кампања на Мицкоски и Сиљановска, дека нема повторно да се преговара Преспанскиот договор ниту пак „францускиот“ предлог или како што сакаше да каже Мицкоски, „бугарскиот диктат“.

Интересно е да се забележи дека ова интервју е дадено после серијата на посебни средби на амбасадорка Агелер со премиерот Мицкоски и неговите клучни министри за одбрана, надворешни работи и транспорт и врски, а воедно и клучни луѓе во партијата.

Со право ќе се запрашаме од која „мака“ Агелер излезе со вакво тврдо интервју за Радио Слободна Европа?!?.

Претпоставуваме дека на средбите, во свој стил прво Мицкоски, па потврден од министрите, инаетливо потенцирале дека репреговарање на Преспа и „бугарскиот диктатат“ се дадени како ветување во изборната кампања кон граѓаните за кое што добиле огромно мнозинство, а тој навод се потврдува во самото интервју на Агелер каде што потсетува дека треба да се диференцира што е ветено во кампањата е комплетно небитно, а ние мора да се движиме напред, наведувајќи дека старите терминологии и употреби треба да се стават на страна.

Во превод тоа би значело: „Ги прелажавте, што ги прелажавте, гласачите сега е време да се спроведат стратешките определби на нашата држава, како што милува и Мицкоски да каже, а тоа се практицирање на членството во НАТО и исполнување на условите за отпочнување на преговорите за влез на Северна Македонија во ЕУ“.

По повод интервјуто на Агелер, интересна е реакцијата на портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, која што со лутиот тон, изјави дека: „Не е соодветно од наша страна да коментираме изјави на нашиот стратешки партнер, со кој Македонија гради соработка изминатите три децении. Она што е клучно, е испратената порака дека се потребни важни разговори од кои сите инволвирани страни ќе имаат корист.“

Само да потсетам, важните разговори се однесуваат за внес на Бугарите во Уставот.

Од сублимирањето на посебните средби на Агелер со Мицкоски и неговите министри, како и нејзиното интервју, а поткрепено и со изјавата на портпаролката Митева, претставува доволна потврда на индикациите дека средбите поминале прилично тврдо во инаетливиот стил на Мицкоски, а веројатно поткрепен со ставовите и неговите министри негови верни послушници, секако понесени на крилата на големата победа, па од тие причини амбасадорката Агелер на јавна сцена мораше да примени прилична недипломатски и директен речник со многу експлицитни пораки, да се изразам со груевистичка терминологија, да „залепи по некој шамар“.

Сега се отвора прашањето како суетниот Мицкоски ќе го поднесе и голтне ова понижување на јавната сцена, за кој што самиот си сноси најголема кривица и колку време ќе помине до директен судир со Агелер, сето во навивачкото очекување на целата европска десница на исходот на изборите во САД во полза на републиканскиот кандидат Доналд Трамп, а сето во услови кога самиот Мицкоски смета дека направил огромна отстапка кон Американците со изговарањето на Северна Македонија на заклетвата, секако од немоќ, а во услови кога, веќе ги послушал, Американците, скоро за сите кадровски забелешки, но да не се лажеме, под притисокот на ризикот за недобивањето на НАТО сертификатите за клучните министри кои што сакаше да ги постави.