Колумна на Александар Бежовски: ВМРО-ДПМНЕ И ЛОКАЛНАТА (НЕ)САМОУПРАВА

Нејасно е зошто ВМРО-ДПМНЕ е жртва на амбициите на претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода Орце Георгиевски, по секоја цена да стане градоначалник на Скопје дури и со одземање на ингеренциите на актуелниот градоначалник на Скопје на само една година пред редовните локални избори што треба да се одржат наредната, 2025 година?!

Спорот во рамките на Градот Скопје и конфликтот со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска избрана токму од страна ВМРО-ДПМНЕ ескалира на јавната сцена и отиде до таму да се предложи одземање на нејзините законски ингеренции.

Токму, скопските градоначалници, претставници на локалната самоуправа, неодамна излегоа со заеднички став и апелираа до Владата да се премине кон одземање на ингеренциите на Арсовска, што во моментов е законски невозможно да се направи, а Министерот за локална самоуправа Златко Перински вели дека би поддржал било какви законски измени за да се реши состојбата во Скопје.

Вчера, претседателот на ЗЕЛС Орце Георгиевски најави дека Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) е подготвенa да предложи и измени на законските решенија за да може да се одземат ингеренциите на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, доколку таа не поднесе оставка на функцијата.

Целата ситуација повторно потсетува на ситуацијата како пред парламентарните изборите кога од страна на Мицкоски, Сиљаноска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ се најави во кампањата дека по изборите ќе се преминело кон раскинување на Преспанскиот договор и враќање на името Република Македонија, за да завчера од Хрватска, премиерот Мицкоски порача на јавноста дека името Северна Македонија е завршена работа како жртва за поголем интерес, зачленување односно влез на Северна Македонија во Европската Унија.

Со барањето за одземање на ингеренциите на избран актуелен градоначалник повторно сме сведоци дека целата Влада и раководните структури на ВМРО -ДПМНЕ игнорираат многу битен меѓународен договор, поточно ратификувана конвенција страна од Република Македонија уште во 1997 година, станува збор за Европската повелба за локална самоуправа (European Charter for Local Self Government) .

Мора да се истакне дека конвенцијата е најважниот документ за локална самоуправа на европско ниво кој што е донесен од страна Советот на Европа уште во 1985 година

Со Европската повелба се предвидува локалната самоуправа да биде регулирана со закон, а во оние земји каде што е можно и со устав. Според Повелбата правото на локалната самоуправа се подразбира како право и способност на локалните власти, во границите на законот, да ги регулираат и да раководат со јавните работи, врз основа на сопствената одговорност и во интерес на локалното население.

Гледаме дека не знаат или пак забораваат од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека конвенцијата е дел од нашето домашно законодавство, но тоа не било случај кога имале интерес да практикуваа локална самоуправа во услови кога друга партија беше на власт на централно ниво.

Сегашната претседателка, Гордана Сиљановска Давкова, а претходно пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, потенцирала дека еден од основните темели на модерна Европа е локалната самоуправа, токму на панел дискусија „Европски практики во локалните самоуправи“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ по повод 100 дена локална власт.

Особено е битно, токму во овие моменти кога има обид полека да се воспостави Режим 2.0, да ги потсетиме властите предводени од ВМРО-ДПМНЕ дека доколку навистина се определени Македонија да стане дел од Европската унија, токму локалната самоуправа е механизам преку кој се зајакнува Европската Унија е токму преку вклучување на регионалните и локалните власти во процесот на одлучување на сите нивоа на ЕУ и тоа преку тесно соработување на сите нивоа на власта, директно во спрега и во интерес граѓаните преку постојан дијалог, а не преку одземање на законски овластувања на локално избрани претставници што претставува повторна централизација.

Законски измени и решенија со цел за да се одземат ингеренциите на градоначалници е директно поткопување на принципите на ЕУ и може да биде уште една пречка плус за зачленување на Македонија во ЕУ, , покрај не владеењето на правото, корупцијата и неприфаќањето на францускиот предлог.