Колумна на адвокатот Јанаки Митровски: Еклатантен пример на неспособност, негрижа и душманско однесување на властодршци наспрема народ

Целиот настанат хаос е резултат на неспособноста на нашите властодршци. Кај го потпишаа оној ултра штетен Преспански договор од кој не добивме ама баш ништо сем понижувања, немаа способност нити да испреговараат техникалии.

Не е квантна физика дека ова ќе следеше и затоа наместо да се брзаа да го бакнуваат пенкалото и да не убедуваат во бенефитите на договорот можеа да испреговараат дека сите исправи ќе важат додека е така наведено во самите нив.

Отворено лажеа дека ќе нема последици од овој тип по граѓаните.

Пет години поминаа за да денес во минута до дванаесет и по жестоки реакции на јавноста да изгласаат дека возачките ќе важат до крајот на годината, откако претходно изгласаа измени на ЗБЗСП дека ќе важат до денес.

Но за личните карти им текна благовремено бидејќи тие им требаат за да ги сместиме во удобни фотелји. Да се случеше да не се продолжеа возачките тоа немаше да доведе до регресни постапки при сообраќајни и во овој дел воопшто не се согласувам со министерот Тошковски, но ќе доведеше до масовно глобење на и онака осиромашен народ.

Вината треба да се бара во извршната власт во заминување. Дел од фелата, колегата Туфегџиќ и проф д-р Борче Давитковски бараат и кривична одговорност.

Не сум до крај убеден дека истата постои, но политичка одговорност мора да има.

Од друга страна ваквата состојба задира во слободата на движење како уставно заштитена категорија (во и надвор од државата) па и има елементи на дискриминација на политичка и етничка основа и како фела ќе се мобилизираме да покренеме постапка пред Уставниот суд на Република Македонија. Ова е еклатантен пример на неспособност, негрижа и душманско однесување на властодршци наспрема народ.