Опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави дека премиерот Димитар Ковачевски дезертирал од војска 2001-ва година прикажувајќи се како трајно неспособен. Ова го кажа на прес конференција Драган Ковачки, член на партијата.
„Му даваме 24 часа, ако нема одговор објавуваме се што имаме“ – објави Ковачки.
Скандалот со Ковачевски беше најавен вчера, посочувајќи дека ќе се објави како премиерот се служи со измами и лаги.
„Според информациите кои стигнаа до нас, премиерот Ковачевски свесно го избегнал служењето на воениот рок и тоа токму во периодот на воениот конфликт во 2001 година, односно не одговорил на повикот на својата татковина кога за тоа бил побаран и кога и’ бил најпотребен. Како и сите граѓани на Република Македонија кои во тој период служеа во редовите на АРМ, така и сегашниот нелегитимен премиер морал да се јави во војничките редови. Но повторувам, според информациите со кои располагаме, дезертерот Ковачевски СВЕСНО го избегнал служењето на воениот рок во АРМ“ рече Ковачки.
„Причината поради која дезертирал е дека е цитирам трајно неспособен“ наведе тој.
„Ковачевски е човек дезертер, кој не заслужува да ја води државата. Го повикуваме дезертерот Ковачевски во рок од 24 часа да каже дали навистина избегал и дали е трајно неспособен, или лажел пред институциите и лекарите? Да излезе и да каже, во спротивно ќе објавиме се што имаме. Доколку е навистина трајно неспособен, тогаш мора веднаш да се повлече од премиерската позиција“ порача Ковачки.