Судир на авиони во Колорадо, тројца загинати

Три лица загинаа кога два мали авиони се судриле во воздух во округот Болдер во американската сојузна држава Колорадо, соопштија локалните власти.

Цесна 172 и уште еден авион „се судрија и се урнаа на земја“ во близина на аеродромот Лонгмонт во саботата, соопшти американската Федерална управа за авијација (ФАА), пренесе „Си-Ен-Ен“.

Според податоците на ФАА, во цесната имало две лица, а во другиот авион едно, но во моментот на објавувањето на американската служба тоа не била официјална информација.

Патниците на цесна 172 починале на местото на настанот, изјави шерифот на округот Болдер.

Во другиот авион имало едно лице, кое било прогласено за мртво кога пристигнале службите за итна помош, додаваат од канцеларијата на шерифот.