Ковачевски се сретна со Мишел и со Фон дер Лајен: ЕУ останува на став за отпочнување на пристапни преговори на С. Македонија со ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски, во рамките на дводневната работна посета на институциите на ЕУ, денеска во Брисел се сретна со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел.

На средбата Ковачевски изрази благодарност за посветеноста на европската иднина на Северна Македонија со неговите лични заложби за отпочнување на пристапните преговори на земјата со ЕУ без одлагање.

Тој на средбата истакна дека новата Влада го задржува фокусот на клучните реформски области за европеизација на владеењето на правото и борбата против корупцијата, демократското владеење, економскиот развој, енергијата и климата и дигиталните транзиции, како и на унапредување на добрососедските односи и европската интеграција.

Ковачевски го информираше Мишел за започнатиот интензивен дијалог меѓу владите на Северна Македонија и Бугарија.

Ковачевски се сретна и со претседателката на Европската Комисија – Урсула фон дер Лајен.

На средбата Ковачевски истакна дека во наредниот период, за време на претседавањето на Франција со ЕУ едно од клучните очекувања е засилениот ангажман на Европската Комисија да помогне во деблокирање на процесот за проширување со Северна Македонија и Албанија.

Премиерот Ковачевски во таа насока како охрабрувачка ја оцени брзата организација на неговата работна посета на Брисел, заради можноста највисоките претставници на ЕУ да бидат запознаени со резултатите од интензивната агенда на дијалогот помеѓу Северна Македонија и Бугарија.