Премиерот Димитар Ковачевски со видео обраќање им го честита празникот Рамазан Бајрам на сите припадници на Исламската вероисповед.
Во честитката премиерот Ковачевски истакнува дека Рамазан Бајрам е празник на обновата на духовната сила којашто ја зајакнува вербата на луѓето во доброто, вистината, правдата и поттикнува желба за меѓусебна почит, разбирање, солидарност:
„На сите припадници на Исламската вероисповед во нашата земја, во мое, и во име на Владата на Северна Македонија, упатувам најискрени честитки по повод големиот муслимански верски празник Рамазан Бајрам.
Рамазан Бајрам е празник на обновата на духовната сила којашто ја зајакнува вербата на луѓето во доброто, вистината, правдата и поттикнува желба за меѓусебна почит, разбирање, солидарност.
Крајот на постот и дарбите што се стекнуваат во месецот на одрекувањето и воздржувањето, ги украсуваат верниците со дух на трпение, несебичност и дарежливост за да се споделат благодетите на празникот со членовите на семејствата, роднините, пријателите и соседите.
Овие вредности оваа година имаат посебно значење заради актуелната глобална криза.
Во овие услови, Рамазан Бајрам повикува да се соочиме со предизвиците и врз начелата на почитување и солидарност да продолжиме заедно по патот што го избравме, здружено и единствени.
Градиме заедно едно општество за сите граѓани, со еднакви шанси за секој и знам дека само заедно ќе успееме најбрзо и најбезболно да ги пребродиме сите, па и овие последиците од кризата.
На крајот дозволете ми да ви посакам празничните денови на Рамазан Бајрам да ги поминете во радост и спокојството во домот, во добро здравје и духовна сила!
Нека биде благословен и честит празникот Рамазан Бајрам!“ се вели во честитката на премиерот Ковачевски.