Ковачевски: Очекував Мицкоски да биде поостар во изјавата, Мицкоски: Концептите што ги понудивме делуваа прифатливо за владата

Премиерот Димитар Ковачевски по средбата со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски оцени дека таа поминала во добар дух, а барањата на ВМРО-ДПМНЕ не се отфрлени.

-Јас не очекувам претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да ме фали, напротив, очекував да биде и поостар во изјавата. Сепак сметам дека состанокот помина во добар дух, се разговараше експертски.

Дополнителни анализи ќе бидат направени за основното барање на ВМРО-ДПМНЕ за префрлување на јавните комунални претпријатија на регулиран пазар. Разбирливо е дека тоа им беше главно барање, бидејќи ги имаат најголем број од градоначалниците. Ние го немаме тој луксуз, мораме да се грижиме за сите подеднакво, рече Ковачевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека постои сценарио Македонија да нема потреба да увезува струја и да се обезбеди поевтина струја за стопанството од берзанската, по денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски во Владата. Мицкоски по средбата рече дека помошта и концептите што ги понудиле за справување со енергетската криза делувале прифатливо за премиерот и надлежните министри со кои седел денеска на маса. Но, рече Мицкоски, ако Владата не го реализира сценариото, ВМРО-ДПМНЕ ќе го осуди тој чекор и ќе направи сè што е во нејзина моќ да им помогне на граѓаните и на стопанството да ја поминат зимата.

Сценариото за кое што зборува Мицкоски е да бидат активни сите три блока во РЕК Битола, еден во ТЕЦ Осломеј, две турбини во ТЕЦ Неготино, добра кондиција на хидропотенцијалот, зајакнати со капацитетот на Те-То Скопје.

„Ако се обезбедат овие ресурси, тогаш Македонија ќе нема потреба од увоз на електрична енергија. Под претпоставка првичното сценарио Владата да успее да го задржи оперативно. Ако тоа не се случи, ценам дека несериозен е пристапот на Владата и на ресорните и надлежните луѓе и во тој момент ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија и покрај помошта што ја нуди и покрај сите понудените концепти за кои што морам да бидам искрен до крај, делуваа прифатливо за луѓето со кои денеска бевме на иста маса, ќе го осуди тој чекор и ќе стори сè што е во нејзина моќ да им пoмогне на граѓаните и стопанството да ја поминат оваа есен и оваа зима, кои што се прилично тешко и захтевни“, изјави Мицкоски по средбата во Владата.

Тој кажа и дека предлагаат измени на Законот за енергетика, за мигрирање на јавните претпријатија од слободниот на регулираниот пазар, како и сите објекти од образованието и од здравствениот систем, со цел, како што кажа, парите да останат кај граѓаните и стопанството, место да одат кај трговците со струја од увоз.