Ковачевски: Остануваме посветени на европската перспектива, наша цел е членство во семејството на европски народи и држави

„Проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан не е само прашање на проширување, туку е пред сѐ прашање на заеднички стратешки ангажман. Интеграцијата значи заедничка посветеност за изградба на силна, стабилна и обединета Европа, како дом на демократски и цивилизациски вредности и сили“. Ова го рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на дебатата на тема „Не гледај раздвоено – Цртање на пат за ЕУ и Западен Балкан“ во рамките на официјалната програма на годинешната Минхенска безбедносна конференција.

„За жал, оваа препорака за безусловен почеток, беше условена од блокадата на претходната влада на Бугарија. Таа блокада е сѐ уште активна. Но, многупати досега сме покажале дека Северна Македонија е земја на пријателства и соживот. Тоа се наши автентични белези. Така светот нѐ препознава денес. Градиме пријателства. Посветени сме на изнаоѓање взаемно прифатливи решенија. Во тој дух и во тој манир Северна Македонија ги презеде сите неопходни чекори за деблокирање на процесот на проширување на ЕУ“ – истакна Ковачевски.

Тој потенцира дека земјава посветено работеше и работи на домашните реформи.

„Но уште поважно, во духот на европските добрососедски односи, јас и бугарскиот премиер Петков во последниве два месеци, откако сме и двајцата премиери, ги интензивиравме разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија со искрена волја да направиме чекори на доближување, на соработка и на доверба за кои веруваме дека ќе нѐ однесат до решенија за нашите билатерални прашања“ – вели премиерот Ковачевски.

Според него, Западен Балкан функционира како систем на поврзани садови.

„Блокадата на оперативниот почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија со ЕУ се чувствува низ целиот регион како сериозен удар врз довербата кон Унијата. Поради неодобрувањето на преговарачката рамка, Северна Македонија и Албанија губат драгоцено време. Но, поголемото прашање е што губи Европската Унија во овој случај. Кредибилитетот на ЕУ е ставен под знак прашање.Оваа ситуација го охрабрува и зајакнува интересот на трети страни во регионот. Доколку ЕУ покаже отсуство или слабост на Западен Балкан, тогаш третите страни ќе имаат повеќе можности да ја пополнат таа празнина која е исклучително важна на геостратешки план“ смета Ковачевски.

ЕУ мора да најде формула како да го одржи зборот и да продолжи со проширувањето на Западен Балкан. Европската Унија има обврска да покаже на дело дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив, вели тој.

„Ние со Албанија и Србија не стоиме во место кога е во прашање европеизацијата на нашите држави и општества. Постојано бараме начини за внесување европски стандарди и за олеснување и подобрување на животот на нашите граѓани. Токму затоа и ја поведовме иницијативата Отворен Балкан како платформа за соработки, мобилност и за практикување на четирите европски слободи за движење на добра, капитал, услуги и луѓе. Отворен Балкан е одлична иницијатива но не е, не претендира да биде, ниту пак може да биде алтернатива за ЕУ“ рече Ковачевски.

Тој додава и дека Северна Македонија останува посветена на Берлинскиот процес и на европската перспектива, а нашата цел е една и единствена – рамноправно членство во семејството на европски народи и држави – Европската Унија.