Ковачевски: Од 15 ноември ЕСМ ќе ги тестира топланите „Исток“ и „Запад“ дали може да работат на дизел

ЕСМ со преземањето на топланите „Исток“ и „Запад“ под закуп од АД „Адора“ ги подготвува да можат да работат и на алтернативно гориво како втора варијанта, а тоа е дизел горивото. Ова ќе се користи во случај да природниот гас го нема или има екстремно високи цени.

Тогаш достапноста на дизел горивото, што го имаме во државните резерви во државата, ќе биде полесно достапно и ќе може полесно да се изменаџира евентуална криза доколку постои. Ова го најави директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, на денешната прес конференција и најави дека од 15 ноември на овие топлани се подготвуваат да направат одреден тест период во кој ќе се вклучат овие две топлани да работат на дизел гориво за да се проба системот дали ќе може да работи со овој енергенс затоа што во минатото работел на мазут.

„Топлинската енергија во период кога функционира приватната гасна централа ТЕ-ТО од која се добива околу 60 отсто од потребната топлинска енергија за системот во Скопје, останува 40 отсто да се обезбеди од топланите „Исток“ и „Запад“. Токму затоа, заради поволните временски услови, планот на техничките кадри во ЕСМ е да направат тест период во промена на енергенсот. Префрлањето ќе биде во рок од 24 часа, но тоа не значи дека граѓаните ќе останат без топлинска енергија. Тоа ќе се прави прво на едната, а потоа на другата топлана, но при тоа најголем дел ќе се добива од ТЕ-ТО и нема да има прекини во добивањето топлинска енергија“,
рече Ковачевски.

Тој додаде дека тест-периодот ќе трае најмалку 10 дена во кој период треба да работи една топлана на дизел за да може да се следат параметрите и да се испита комплетно системот во кој се поставени околу 10 нови, најсовремени пумпи за дизел гориво во двете топланите.

Ковачевски на прес-конференцијата информираше и за состојбите во делот на производството и испораката на електрична енергија.

„Од почетокот на годината до 31.10.2022 ЕСМ го има реализирано 100 отсто планот. Од предвидените 3 034 гиват-часови за овој период произведени се 3 039 гиват-часа што значи дека за некој гигават-час е и натфрлено производството од она што беше планирано за овој период од годината. Согласно нашиот план така очекуваме да продолжиме и во наредните два месеци и до крајот на годината во целост да го исполниме планот за производство за 2022 година“,
рече Ковачевски.

Директорот на ЕСМ истакна дека од ЕСМ покрај производството на електрична енергија за периодот октомври, ноември, декември имале планирано и набавка на електрична енергија.

„За октомври беа планирани да се набават 49 600 гигават-часа кои во овој период успеавме со зголемено производство на нашите производни капацитети, со намалениот конзум што го имаме во овој период, но и заради штедењето, во октомври имавме нула набавка на енергија и со тоа не се употреби механизмот од 10,5 милиони евра да се потрошат за купување на оваа електрична енергија“,
рече Ковачевски.

За првиот дел од ноември, додаде тој, за 15 дена, предвидени се да се набават 72 000 мегават-часови кои во првата недела од месецот нема да ги набават, односно ќе се произведат потребните количества електрична енергија од сопствените капацитети.

„Единствено ќе има набавка на електрична енергија за периодот од 7 до 13 ноември за кој е потребна енергија од 16 800 мегават-часови и за која енергија треба да се платат, по 215 евра за мегават-час и ќе се уплатат околу 3,6 милиони евра само за една недела. Дополнително заштедата од една недела што нема да се набави енергија е над 4,2 милиони евра“,
нагласи тој.

Ковачевски рече дека од 15 до 30 ноември ќе се види дали ќе се задоволи конзумот од домашното производство или ќе има потреба од дополнителна набавка и следствено на тоа ќе се знае како ќе се продолжи до крајот на оваа година.