Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за државната МИА по неговата прва работна посета на Брисел, седиштето на ЕУ и НАТО, каде оствари средби со челниците на овие две организации рече дека сака брзо, но и квалитетно решение со соседна Бугарија за да се отворат долгоочекуваните и заслужени преговори со ЕУ.
Премиерот Ковачевски вели дека ги предупредил неговите соговорници и дека секое ново одложување на процесот неминовно влијае врз поддршката на граѓаните, но и врз апетитот на други големи сили на Западен Балкан.
Во однос на конфликтот меѓу Русија и Украина, тој истакна дека изјавите на министерката за одбрана биле предмет на разни интерпретации и дека Северна Македонија ќе се придржува до позициите што се градат заеднички во НАТО, имајќи на ум и трговските односи со Русија.
На темата за евентуално членство на Украина во НАТО во иднина, премиерот Ковачевски вели дека би било неблагодарно во овој момент да се коментира на оваа тема.
Ковачевски потенцираше дека имале успешни средби со сите планирани состаноци во Брисел.
„Посетата започна прво со состанок и заедничка прес конференција со генералниот секретар на НАТО, господинот Јенс Столтенберг. Потоа имавме состаноци со претседателката на Европскиот Парламент, Роберта Мецола, со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, како и состанок со нашите сестрински партии во партијата на европските социјалдемократи каде што исто така разговаравме на теми коишто се значајни за Република Северна Македонија. Она што е заедничко за сите овие средби е поддршката којашто ја добивме како држава во однос на реформските напори што ги правиме на патот кон Европската Унија. Се потврди дека за нас има позитивно мислење коешто е искажано во четирите позитивни последователни извештаи на Европската Комисија за Република Северна Македонија, и разговаравме за начинот и брзината со којашто би се одржала првата меѓувладина конференција за Република Северна Македонија со ЕУ“ рече Ковачевски.
Тој посочи дека било разговарано и за проектите коишто ги има земјава со ЕУ, особено во делот на инвестициите коишто се поддржани, а коишто се однесуваат на трансформацијата на енергетскиот систем кон обновливи извори на енергија, во изградбата на интерконекторот за гас којшто го поддржува исто така ЕУ и се однесува на диверзификација на снабдувањето со гас и одредено зголемување на енергетската независност.
„Разговаравме и за зголемувањето на капацитетите, што е една од задачите на новиот вицепремиер за европски прашања и секторот за европски прашања, а тоа е зголемување на капацитетот на нашите тимови коишто работат на усогласување на македонското законодавство и во забрзување на нивната работа, и со цел да бидеме што поподготвени при евентуалното отворање на преговорите со ЕУ“ рече премиерот.
Во однос на ЕУ, напомена Ковачевски, таа цел сѐ уште не е остварена и се должи на тоа што имаме предизвик и отворено билатерално прашање со Република Бугарија коешто треба да се реши што побрзо.
„Јас велам дека ни треба брзина во решавањето, меѓутоа велам дека не треба да се избрзува со решението. Бидејќи решението коешто ќе се постигне треба да биде основа којашто ќе биде прифатена од двете страни и којашто ќе претставува основа за градење на добрососедски односи, меѓутоа и основа за брз напредок на Република Северна Македонија кон целосна интеграција и полноправно членство во ЕУ“ потенцира Ковачевски.