Ковачевски: Не ги делам кадрите на стари или нови!

Лидерот на СДСМ – Димитар Ковачевски вечерва, пред одржувањето на Централниот Одбор на партијата најави политика базирана на социјал-демократски вредности, шанса за сите кадри кои ги исполнуваат условите да бидат назначени на некоја функција, отворање на партијата кон сите кои можат да дадат свој придонес. За него нема поделба на нови и стари кадри.

„Програмата ќе се базира на социјал-демократски вредности, фер шанса за сите кадри кои ги исполнуваат професионалните услови за да бидат назначени на институционално ниво. Меѓутоа и отворање на партијата кон сите оние може да допринесат со својата активност во зајакнување на партијата и нејзиното работење“ – рече Ковачевски.

Тој ниту потврди ниту демантираше дека одредени имиња што се споменуваа во јавноста можат да станат дел од раководството што се бира вечерва.

„Прво јас не ги делам кадрите на стари или нови, туку на оние што допринеле повеќе или помалку во развојот и градењето на партијата. Во медиумите се појавија голем дел имиња кои значат нешто во СДСМ и кои во минатото обавувале високи партиски функции и државни функции. Да оставиме прво ЦО да донесе одлуки“ – рече Ковачевски.

Тој додаде дека ќе предложи Извершен одбор во кој ќе бидат застапени 50 проценти мажи и 50 жени, за, како што рече, да се запази родовата еднаквост за која се залага СДСМ како партија, но и 33 отсто млади што, исто така, е статутарна одредба на партијата.