Ковачевски – Мецола: Поддршката на ЕП е значајна за проширувањето на ЕУ

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски оствари средба со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

Ковачевски ѝ го честиташе изборот на Мецола за претседателка на Европскиот парламент (ЕП), и изрази благодарност за континуираниот ангажман и подготвеност на Европскиот парламент во поддршката на Северна Македонија и регионот на Западен Балкан да напредуваат во процесот на интеграција во ЕУ.

Тој како особено значајна ја наведе плодната соработка на Северна Македонија со Европскиот парламент во рамките на дијалогот Жан Моне, преку дискусиите на Мешовитиот парламентарен комитет, како и посветената работа на пратениците на ЕП за напредокот на земјата во остварувањето на стандардите во процесот за пристапување во членство во ЕУ.

За време на разговорот во Европскиот парламент, Ковачевски ја запозна Мецола со силно изразената подготвеност на Владите во Скопје и Софија да ги удвојат напорите за подобрување на меѓусебните односи со јасни намери да го забрзаат процесот за одржување на првата Меѓувладина конференција со ЕУ.