Ковачевски: Левица стана десница, а Мицкоски е во нивно заложништво

На нашиот европскиот пат има голема и реална опасност, тоа е Левица предводена од Димитар Апасиев, која со своето дејствување стана десница, порача синоќа од Кочани, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

– Со опасниот популизам, со својата анти-ЕУ и запалива реторика Левица станува се посилна и повлијателна. Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги имаат целосно земено како заложници затоа што Мицкоски е слаб, без визија и без став, додаде Ковачевски.

Ковачевски посочи дека Мицкоски е во паник и се што прави прави само за да не заостане зад Левица и Апасиев.

– Затоа тој гордо вели дека е континуитет на Ванчо Михајлов, затоа блокира закони во македонското Собрание среде криза, затоа блокираше 100 милиони евра помош за државата. Ова е реална закана за земјата, да се попречи европскиот план и да се втурне државата во неизвесност и изолација, во внатрешни поделби на народот. Ако тоа се случи, ќе станете со лажно чувство на гордост наутро но ќе си легнете гладни и сами навачер, непризнаени и осамени, рече Ковачевски.

Оваа криза покажа колку е важно домашното производство на храна, но покажа и колку е важна енергетската независност, затоа спроведуваме енергетска транзиција, со нашето македонско сонце да ја создадеме Македонија како иден зелен центар на Европа, посочи Ковачевски.

– За само 10 месеци, само во овој краток период од мојот мандат, имаме веќе пуштено во употреба 27 мегавати фотоволтаичи централи. Енергетската трансформација започна со електраната Осломеј, инвестиција во фотонапонската електрана од 10 мегавати а на оваа локација веќе се градат и фотонапонски централи со капацитет од 100 мегавати. Неодамна почна со работа најголемата фотоволтаична централа во државата од 17 МW, која е словенечка инвестиција во Свети Николско, Амзибегово, истакна Ковачевски.

-На македонскиот исток се гради и во следниот период треба да биде биде пуштена во употреба 25 мегавати од ветерна централа во Свети Николско. Лидери сме во регионот во енергетска трансформација и можеме да станеме енергетски зелен центар на Европа. Тоа е мојата енергетска визија, да бидеме европски шампиони за производство на енергија од нашето македонско сонце, заклучи Ковачевски синоќа во Кочани.