Ковачевски и владин тим одат во Софија, утре заедничка седница на двете влади

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со владиниот тим денеска заминува во официјална посета на Софија. За утре е предвидено да се одржи заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија.

Ковачевски иделегацијата ќе ги пречека бугарскиот премиер Кирил Петков во 16 часот на плоштадот „Св. Александар Невски“. Двајцата премиери ќе положат венци пред Споменикот на непознатиот војник.

Заедничката седница состанок на владите на Бугарија и Северна Македонија ќе се одржи утре во резиденцијата „Бојана“.

Двете влади формираа четири работни групи. Владата на Северна Македонија ги формира групите за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование, додека во соопштението на бугарската Влада е наведено дека се формирани групи за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европската соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација и владеење на правото и за културата, науката и образованието и младите.

Најавена е динамична работа на работните групи, секоја недела една од групите да има состанок. Приближувањето ќе се спроведува прагматично, најпрво онаму каде што нема препреки, а веќе како прв проект е најавено воведувањето на директната авиолинија Скопје-Софија, што како што рече Петков во Скопје би се реализирал за два месеца.