Ковачевски, Вучиќ и Рама на Саем за вино во Верона

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски ќе присуствува на 55. меѓународен Саем на вино и алкохолни пијалоци „ВинИтали“, што се одржува во Верона.

За време на посетата на Италија, премиерот Ковачевски, ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, со кои ќе остварат трилатерална средба, со фокус на иницијативата Отворен Балкан. По средбата предвидено е да се одржи и прес-конференција, соопшти владината прес-служба.

Ковачевски, Вучиќ и Рама ќе присуствуваат на презентацијата на вината од трите земји на заедничкиот штанд „Wine vision by Open Balkan“ на саемот „ВинИтали“.

Македонија на годинашниот Саем на вино и алкохолни пијалоци во Верона учествува со над 60 видови најквалитетно македонско вино, со присуство на 14 македонски винарии и тројца врвни сомелиери.

Саемот претставува собир на домашните и меѓународните производители на вино од целиот свет кои сакаат да се претстават на една од најпрестижните светски саемски манифестации посветени на виното и негувањето на винската култура.

Саемот воедно ќе биде можност и за увозниците и дистрибутерите на вино да ги запознаат и да остварат соработка со врвни италијански и меѓународни производители на вино, а за љубителите на виното е осмислена и четиридневна манифестација „Vinitaly and the City” во текот на која, на историски локации ширум Верона ќе може да се дегустира и зборува за виното.