Ковачевски во Софија пречекан со највисоки државни почести

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски заедно со владина делегација е во официјалната посета на Бугарија, а попладнево со највисоки државни почести беше пречекан на плоштадот „Александар Невски“ во Софија.

Тие беа официјално пречекани од бугарскиот премиер Кирил Петков.

Двајцата премиери положија венци пред Споменикот на непознатиот војник.

За утре наутро е закажана заедничката седница на владите на двете земји, која ќе се одржи во резиденцијата „Бојана“. На седницата воведно обраќање ќе имаат двајцата премиери, Ковачевски и Петков, по што ќе почнат разговорите, откако Скопје и Софија, претходни ги формираа работните групи со кои треба да се интензивира соработката во периодот што претстои.

Според она што го најавија двајцата премиери во претстојниот период и преку состаноците на овие работни групи историјата ќе биде ставена во втор план, фокусот ќе биде на градење на добрите односи  меѓу граѓаните на Северна Македонија и Бугарија, зајакнување на соработката во повеќе сектори, како и на добрососедство мерливо според постигнати цели и резултати.

Најавена е динамична работа на работните групи, секоја недела една од групите да има состанок. Приближувањето ќе се спроведува прагматично, најпрво онаму каде што нема препреки, а веќе како прв проект е најавено воведувањето на директната авиолинија Скопје-Софија, што како што рече Петков во Скопје би се реализирал за два месеца.