Ковачевски: Владата да донесе одлука за цената на струјата, па да почнеме со подготовки за реализација на планот за 2022 година
Генералниот директор на АД ЕСМ – Васко Ковачевски денеска изјави дека очекува Владата да донесе одлука со препорачана цена на електричната енергија, а потоа на 9 декември да достават понуда до ЕВН Хоум и да почнат со подготовки за реализација на планот за 2022 година.
„Ги направивме сите подготовки за утврдување на цената на електричната енергија со план за производство, финансиски план и план за јавни набавки за 2022 година, со табела од цени доставени до Владата која пак треба да донесе одлука со препорачана цена за количините на електрична енергија кои што АД ЕСМ ќе ги испорачува на ЕВН Хоум како универзален снабдувач на енергија за малите потрошувачи и за домаќинствата. Ние како АД ЕСМ одлучивме наместо со минимум 60 отсто, во 2022 година кон ЕВН Хоум да испорачуваме 100 проценти енергија, и тоа ќе значи таа компанија нема да набавува дополнителни количества енергија, или со други зборови АД ЕСМ ќе остане чувар или стабилизатор на цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи. Очекуваме Владата да донесе одлука со препорачана цена на електричната енергија, а потоа на 9 декември да доставиме понуда до ЕВН Хоум да почнеме со подготовки за реализација на планот за 2022 година“ рече Васко Ковачевски.