Кличко: Киев е пред најлошата зима по Втората светска војна

Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, оцени дека главниот град на Украина е соочен со драматична зима.

На трите милиони жители на Киев им претстои тешка зима, оцени градоначалникот на главниот украински град Витали Кличко.

„Ова е најлошата зима од Втората светска војна досега“, изјави тој за весникот „Билд“.

Според него, треба да се биде подготвен на „најлошото сценарио“ со немање струја на ниски температури. „Во таков случај ќе треба да се евакуираат делови од градот. Но, не сакаме да дозволиме да дојде до тоа“, вели Кличко.

Тој го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека со напади врз цивилната инфраструктура сака да ги „тероризира и смрзнува луѓето,без светло“ и да ги натера на бегство од Киев, и на тој начин всушност да врши притисок врз украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Но тоа нема да се случи. Мој впечаток е дека луѓето стануваат само побесни, порешителни. Нема да умреме или избегаме, како што сака Путин“, изјави Кличко за денешното издание на „Билд“. Тој од Германија побара покрај оружје, да се испраќаат и генератори, заштитна облека и хуманитарна помош.

Во меѓувреме во Украина се отвораат центри за итна помош на населението, каде на луѓето им се ставени бесплатно на располагање струја, топлина, вода, интернет, телефон и лекови.

Украинскиот претседател Зеленски ваквите центри ги нарече „центри на непобедливост“.