Капиталните инвестиции во 2021 со реализација од 78,3%
Податоците од Министерството за финансии покажуваат дека заклучно со 31. декември 2021-ва биле реализирани 379 милиони евра капитални расходи што претставува 78,35 проценти во однос на планираните.
Заклучно со ноември само три министерства испорачале реализација повисока од 80 отсто, а има институции кои не успеале да потрошат ниту 10 отсто од годишниот буџет за капитални, односно јавни инвестиции – се вели во анализата на „Порталб“.
Според пресметките, заклучно со ноември 2021. година ниту еден ресор не надминал реализација повисока од 90%. Највисок процент на остварување има Министерство за култура кое на располагање имало 534.000 евра, а релизирало 89,6%.
Повеќе од 70% реализација на капиталните инвестиции е остварена во Министерството за внатрешни работи кое од 15,5 милиони евра на располагање – потрошило 81,1%.
Министерството за земјоделство од вкупните средства во износ од 29,3 милиони евра за капитални расходи, реализирало 80,7%.
Министерство за економија од 3,9 милиони евра по основ на капитални расходи потрошило 76,8%.
Со еден од поголемите буџети за капитални проекти во износ од 44,9 милиони евра беше Министерството за одбрана кое од оваа сума потршило 69,7%.
Министерството за финансии лани имало на располагање 11,1 милион евра за капитални расходи, а реализацијата изнесувала 61%, додека преку Министерството за финансии-функции на држава реализацијата е 63,7% заклучно со ноември.
Министерството за образование имало буџет за капитални проекти од 22,7 милиони евра, реализација изнесувала 60,1%, Министерството за информатичко општество од 685.000 евра потрошило 58,4%, додека останатите министерства имаа ниво на остварување пониско од 60%.
Според најавите и очекувањата 2021 година требаше да заврши со реализација на капиталните инвестиции од најмалку 80 проценти.