Олаф Шолц – канцеларот на Германија денеска пристигна во еднодневна официјална посета на земјава.
Домаќин на Шолц е премиерот Димитар Ковачевски, а на аеродромот во Скопје го пречека министерот за надворешни работи – Бујар Османи.
Во делегацијата на канцеларот се највисоките државни советници на надворешна и безбедносна политика, за економија и финансии, за европска политика.
Шолц и неговата делегација на платото пред Владата беа пречекани со церемонија со највисоки државни и воени почести.
Во составот на нашата делегација на пречекот се првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за локална самоуправа Горан Милевски и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.
Според агендата за официјалната посета на канцеларот Олаф Шолц, веднаш после церемонијата на пречекот е предвидена тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски, по што ќе следува билатералната средба на членовите на двете делегации.