Каевски: Реконструкцијата на Универзална сала беше во првите страници на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори, но не се случи

„Требаше Владата да ја преземе Универзална сала за да продолжи изведбата и реконструкцијата. Повторно Универзална сала ќе биде гордост на Скопје, иако ВМРО-ДПМНЕ во кампањата за локалните избори на 6 или 7 страница ја ветија, но воопшто тоа не се случи“ рече портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски во „Само вистина“ на Канал 5.

Тој додаде дека проектот за реконструкција на Универзалната сала беше започнат од претходниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, но потоа беше стопиран со доаѓањето на градоначалничката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска.

„Скопје се гуши во чад и никогаш не било понечисто од денес. Тоа е доказ како владее ВМРО-ДПМНЕ, а тие паушални обвинувања и обидот за ставање товар дека министерката или владата се криви, скопјани знаат кој е крив и кој го донесе Скопје во ваква ситуација“ рече Каевски.

Тој додаде дека по преземањето на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала веднаш е започнато со работа за скопјани повторно да ја имаат Универзална сала.