И Фросина Ременски кандидат за претседател во СДСМ

Екс-министерката за труд и социјална политика и поранешна потпретседателка на СДСМ – Фросина Ременски утринава поднесе кандидатура за претседател на владејачката партија. Таа е вториот кандидат за нов лидер во партијата затоа што денеска се очекува официјално поднесување на кандидатурата и на Димитар Ковачевски.

„Ги предадов сите документи за самокандидирање за претседател на СДСМ. Очекувам во следниот период, согласно роковникот, да се утврдат кандидатите, со што би почнале активностите за претставување на кандидатите пред членовите, активистите и симпатизерите на СДСМ“ – рече Ременски пред седиштето на СДСМ.

Нејзината одлука ја донела врз основа на нејзиниот целокупен општествено-политички и партиски активизам.

СДСМ на 12. декември ќе го избира новиот претседател, откако лидерот Зоран Заев поднесе оставка од функцијата. Причина е поразот на локалните избори.

Статутот на СДСМ овозможува за претседател може да се кандидира секој член со најмалку 5 години работа во партијата и со поминат најмалку еден мандат како член на Централниот одбор. Рокот за кандидирање истекува во петок, на 3. декември.