Историчарот Митко Панов: Бугаризација на македонскиот народ и неговото минато

Тенденцијата е македонскиот народ да остане без свои македонски национални херои, а идентитетската придавка македонски да се поврзе исклучиво со „Бугарите“, добивајќи во историски контекст исклучиво значење на „македонски Бугари“. Воскреснувањето на личности ги симболизираат големобугарските агенди и фашистичкото. Холокаустот е моќна историска порака, која предупредува за да не се повтори.

За Трилинг одговара професор Митко Панов од Институтот за национална историја, истражувач на Самоиловото царство.

Трилинг: Објавени се најавените основи за одбележување на личностите што се заеднички или беа одделно или противречно посвоени од Северна Македонија или Република Бугарија. Дали промената во историските учебници за 5 и 6 оддделение е почеток на заеднички читања на средниот век или прифаќање на заеднички корени на двата народи?

Панов: Кога велите „посвојување“ на личностите, претпоставувам ги имате предвид најновите политички тенденции на Бугарија и Грција, на што сме сведоци последните пет години, манифестирани преку експлоатирањето на договорите со Р. Македонија во функција на обезбедување историска ексклузивност на „сопственоста“ на културно-историското наследство на Македонија. Само еден поглед на билатералниот протокол со Бугарија oд јули годинава, јасно покажува како историјата е третирана од политиката, односно како комисијата политички се легитимира како орудие на Софија за присвојување на македонската историја.
Од друга страна, самото прифаќање на концептот „заедничка историја“, кој произлегува од интерпертацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, ја прави работата на комисијата научно невалидна, бидејќи однапред политички ја предодредува „бугарската“ историска карактеризација на личностите од Македонија и нивната соодветна контекстуализација во современието. Притоа, досегашната селекција на личностите евидентно се прави исклучиво врз основа на поврзаноста со Македонија, а препораките се ставаат во функција на потврдување на едностраниот бугарски поглед на историјата на Македонија, што преку „заедничката историја“ треба да резултира со историска „бугаризација“ на македонскиот народ и на културно-историското наследство на Р. Македонија.
Оттаму, јас не би се согласил дека ова ќе биде почеток на заедничко читање на средновековието со Бугарија преку променетите учебници, бидејќи комисиските интерпретации преточени во препораките, се сведуваат на еднострано прифаќање на бугарскиот национален наратив. Тоа во крајна линија, преку промената на историскиот наратив во учебниците, треба да резултира со градење на свест на припадност кон друга нација, а не кон македонската.

Трилинг: Дали тоа значи дека следува комплетна ревизија на македонската историографија во научните или изданијата во литературата? Што ако авторите ги одбијат сугестиите на Историската комисија? Дали ќе бидат „спалени“ илјадници томови стручни изданија, истражувања, енциклопедии, дома и на меѓународни симпозиуми?

Панов: Членовите на комисијата уверуваат дека тие не претендираат да ја менуваат историографијата, бидејќи македонските историчари ќе продолжеле да истражуваат и да пишуваат. Но, притоа не го соопштуваат евидентниот факт дека преку билатералните протоколи, неколкумината членови на комисијата се претвораат во цензори на историскиот наратив и судии кои ќе определуваат што е „историска вистина“, која ќе ја валидира Владата, а не македонската наука. Со препораките, во суштина комисијата целосно ги негира достигнувањата на македонската историографија, а притоа ја презема улогата на креатор на историскиот наратив, дефинирајќи што, како и на кој начин, ќе се изучува во основно, средно, а претпоставувам и во високото образование. Тоа е во целосна спротивност со научните и академски начела, што ја сведува на апсурд работата на комисијата. Особено што седуммината членови, не само што не го одразуваат македонскиот научен поглед кон историјата и не ги репрезентираат и промовираат резултатите на научните и образовни национални институции, туку ги игнорираат и поништуваат. Особено што комисиските формулации, со билатералните протоколи, стануваат основа за идните чествувања на личностите, давајќи историска содржина и суштина на значењето на нивното чествување. Целта е да се прикаже постоењето на некаква измислена „заедничка историја“ од средновековието до 1944 година (а и до денес), која во континуитет била „бугарска“, но поради историските околности народот се нашол поделен во две држави! Билатералниот протокол, од друга страна, создава предуслови за цензура на публикациите финансирани од државата, а за кои би се проценило дека се во спротивност на комисиската и владината „историска вистина“, односно дали се компатибилни со видувањето на Бугарија.

Трилинг: Како и кој ќе ги оценува почетокот на 19 и 20 век, времето на преродбата, каде се Илинден, Гоце Делчев, Вапцаров?

Панов: Комисијата веќе најави дека следно за историска ревизија ќе бидат личностите од периодот на 19 век, изразувајќи притоа умерен оптимизам за постигнување договор. Судејќи според нивните досегашни изјави дека Гоце Делчев бил „заеднички“ национален херој, очекувам повторно да бидеме сведоци на прифаќање на бугарското поимање на македонската историја и комисиското врамување и на овие личности во политички замислената „заедничка историја“. Тенденцијата е македонскиот народ да остане без свои македонски национални херои, а идентитетската придавка македонски да се поврзе исклучиво со „Бугарите“, добивајќи во историски контекст исклучиво значење на „македонски Бугари“.

Трилинг: Дали македонската историска наука долго време е заложник на белградските архиви?

Панов: Не би се согласил. Колегите истражуваат во архивите во регионот и светот. Критичката насока на историографијата, се заснова на сеопфатно истражување на документи и материјални извори. Затоа не гледам дека македонската наука е заложник на некакви посебни архиви. Друго е прашањето што од архивите е достапно за македонските научници.

Трилинг: Како погледите кон минатото ќе внесат нови стандарди за заедничката историја? Дали Бугарија ќе ги прифати историските факти од странски извори за фашистичкото колаборирање за време на Втората светска војна?

Панов: Не станува збор за внесување нови „стандарди“, туку напротив за девијација на научните принципи, кои се ставаат во целосна подреденост на политиката и на тој начин се злоупотребуваат. И во овој случај, не очекувам Бугарија да промени било што, туку нејзините историографски погледи да се преточат во нови препораки. Особено што македонските членови на комисијата веќе јавно се заложија за ревидирање и реинтерпретација на фашистичкиот карактер на Бугарија во Втората Светска Војна.

Трилинг: Деновиве бугарските екстремисти или невладини асоцијации на Бугарите во Македонија ги глорифицираат бугарските нацистички соработници. Како да се спречи ова политичко – безбедносно иритирање водено од служби во Софија, како што се реагира во дел од македонската јавност? Дали е тоа обид за таканаречена бугаризација во Македонија?

Панов: Не можам да квалификувам било кои асоцијации, ниту да навлегувам во причините за реактуелизирањето на одредени личности, кои самите со своето делување се ставиле на темната страна на историјата. Можам само да кажам дека именувањето на културни центри или невладини асоцијации посветени на вакви личности, во суштина говори како се поима културата од самите основачи и членови. Воскреснувањето на личности кои ги симболизираат големобугарските агенди и фашистичкото минато секако треба да се осуди и воедно да се создаде механизам да се сузбие таквата практика. Холокаустот е моќна историска порака, која предупредува за да не се повтори. Македонија како дел од анти-фашистичката коалиција и истовремено стравична жртва на холокаустот извршен над македонските Евреи, мора да се спротивстави и соодветно да реагира на било какви форми за глорификација на фашизмот. Тоа ги вклучува и тенденциите за релативизирање на историскиот контекст на анти-фашистичката борба на Македонија во Втората светска војна.