Трилинг: „Корупцијата е состојба на умот“ констатиравте во интервју кое со Вас го правев пред една година. Дали од тогаш до денес се има нешто сменето и што?
Дирк Јан Коп: Како тукушто пристигнат овде, ја споредив корупцијата со брод со продупчено дно. Секако, медиумите веднаш пренесоа дека сум ја споредил Македонија со брод што тоне, не е така, реков, ако имате брод кој има дупки на дното, морате да направите две работи: Морате да ги затнете дупките, и морате да почнете да ја испумпувате водата. Затнувањето на дупките значи дека правните дупки мора да се отстранат, тие што ја овозможиле корупцијата, мора да се усвојат нови закони, за да се спречи корупцијата, а испумпувањето значи дека мора да се гонат оние што се корумпирани и да се изведат пред суд. Во обата случаи, оваа земја остварува напредок.
Многу од неопходната легислатива за борба против корупцијата е усвоена. Сега постои Државна комисија за антикорупциски мерки, постои вицепремиер за борба против корупцијата. Но исто така и расте свеста во владините структури и во судството, дека ова е растечки проблем. Така што, да, постои напредок, чекор по чекор, но, менталниот склоп… Секако, тешко е за луѓе кои пораснале во култура на корупција да бидат единствениот родител кој не носи подароци на наставниците на своите деца. Многу е тешко да сте единствениот кој не му донел подарок на докторот, кога имате закажан преглед. Ако сите други го прават тоа, станува многу тешко да се биде исклучок. Но, исто така овде мислам дека расте разбирањето што треба да се направи и важно е и понатаму да се таргетираат младите, учениците во школите, за оваа свест да расте.
Но исто и на тоа поле забележувам напредок. Ќе биде долго и тешко, и ќе оди чекор по чекор, но возможно, исто така.
Трилинг: Има анкета која покажува парадоксални податоци – граѓаните имаат доверба во претседателот на државата и армијата, а не веруваат во судство, во владата, во други институциите на системот. И вториот парадокс и покрај пролонгирањето на дијалог Скопје-Брисел и обидите да се минимизира улогата на ЕУ повторно расте довербата во ЕУ?
Дирк Јан Коп: Не гледам никаков парадокс. За првиот, и претседателот и армијата се дел од државата заедно со сите други државни институции. Ако зборуваме за армијата, од март минатата година, земјава е членка на НАТО и министерката Шеќеринска сега ги усогласи вооружените сили на оваа земја со воените барања на НАТО. Тоа е навистина во рекордно време. Таа го стори ова екстремно брзо. Всушност, владата се труди армијата да функционира добро во новите НАТО услови. Така што, тука нема парадокс.
За второто, довербата во ЕУ расте, мило ми е што населението ја препознава големата солидарност и поддршка која секогаш постоеше. Можеби опозицијата, можеби медиумите некое време ја обвинуваат ЕУ за недостатокот на напредок, во реалноста имаше огромна поддршка во минатото од ЕУ за оваа земја голема солидарност и згора на тоа, во времето на корона ова беше зголемено со стотици милиони евра.
Само ЕУ обезбеди 900.000 вакцини, повеќе од кој било друг, индивидуалните земји членки обезбедија вакцини…сето тоа бесплатно, земјава купуваше вакцини во Кина и во други земји. Но, од нас ги добивте бесплатно и згора на тоа, имаше голема финансиска помош, не само за здравствениот систем во текот на корона кризата, туку и за економска и социјална поддршка па дури и за директна поддршка на буџетот. Така што, имиџот кој беше насликан од некого, дека ЕУ ја напушта С.Македонија, во моите очи е целосно смешна. Поддршката е тука, а и солидарноста, и понатаму ќе бидеме тука.
Трилинг: Холандија како и останатите членки на ЕУ го делат ставот дека билатералното прашање меѓу Софија и Скопје не треба да е пречка за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија, изјави холандскиот премиер Марк Руте за време на посетата на земјава. Вие во јануари годинава порачавте „Не драматизирајте со Бугарија“. Колку ваквите бугарски позиции се во согласност со европските вредности и политики?
Дирк Јан Коп: Проблемот е во тоа што во текот на изминатите месеци стана сосем јасно дека во ЕУ, Бугарија е осамена. Никој не ја споделува позицијата на Бугарија. 26 земји членки мислат дека оваа земја е спремна за започнување преговори. Така што, проблемот се уште постои, тоа е проблем меѓу С. Македонија и Бугарија, но исто така во изминатите неколку месеци видовте дека притисокот врз Бугарија растеше.
Според мене, ситуација се уште не треба да се претвора во драма. Зошто? Зашто нашата цел, вашата стратешка цел не е започнувањето на преговорите. Вашата стратешка цел е завршувањето на преговорите. Крајот на преговорите за неколку години кога де факто ќе станете членка на ЕУ. Таа агенда е многу јасна, многу е јасно што треба да се направи во 34-те поглавја за кои треба да се преговара. Патот кој претстои е јасен, јасно е што земјава веќе има направено, и јас е што останува да се направи. Оваа агенда ќе биде поддржана од ЕУ и нејзините земји членки и кога ќе се одржи меѓувладината седница, формалниот старт на преговорите, нема вистинско значење за промените кои мора да се случат на теренот.
Според мене, дали потешкотиите со Бугарија, кои навистина ги гледам како мала пречка на патот, ќе се решат за една недела, за еден месец, или за една година, нема влијание на домашната која оваа земја мора да си ја заврши. За да можеме за неколку години да ви посакаме добредојде во семејството и на масата со истите права и обврски како и сите други земји членки што исто така ќе го вклучува и правото на вето кое го има Бугарија во моментов. Но во светлината на важните реформи кои мора да се направат, се уште мислам дека не треба да правите драма околу Бугарија. За големата цел, која е членството во ЕУ, проблемот со Бугарија еден ден ќе се реши. Но, крајната цел, тоа е она што земјава треба да го има пред очи и кон што да продолжи да работи.
Трилинг: Во време на длабока политичка криза, ден пред гласањето доверба на владата што го иницираше опозицијата во земјава престојуваше холандскиот премиер Руте. Неговата посета коинцидираше и со исчезнување на пратеникот Кастриот Реџепи. Дали пратеникот Реџепи беше тргнат со логистика на Хаг како што се зборуваше во политичките кругови имајќи во предвид дека тој одреден период работел во Холандската амбасада во Скопје? Не ви изгледа симптоматично така од ненадеж да му се изгуби и трага и глас на пратеник?
Дирк Јан Коп: За посета како таа на мојот премиер се потребни повеќемесечни подготовки. Почетокот на подготовките за оваа посета започна многу пред локалните избори. Потоа, секако се случи развојот на политичките настани по 2-от круг од локалните избори. Секако, некое време не беше баш извесно дали да се одржи посетата, но се одржа и беше позитивна за нас и за С. Македонија. Но, секако, тоа немаше никаква врска со политичката ситуација која се одвиваше во тој момент. И сметам дека е злобно да се шират такви гласини, тоа е знак дека се во оваа земја веднаш се претвора во теории на заговор, што е смешно, но оние кои ги шират тие гласини се…тоа е злобно, мислам дека известувањето на медиумите е непрофесионално и луѓето кои веруваат во вакви глупости, мислам дека треба подзастанат и размислат колку е логично сево ова.
Трилинг: Како договор се очекува од Скопје и Софија што би можел да ја крене бугарска рампа за македонските евроинтеграции? Се појави и иницијатива на лидерот на ДУИ, Ахмети пристапните преговори да почнат, а во долгиот процес на тестирање на македонските капацитети да се бара решение и за спорот со Бугарија. Колку едно вакво сценарио е остварливо?
Дирк Јан Коп: Има секакви видови решенија, но не е до нас, тоа е меѓу вас и Бугарија. Што и да зборуваат луѓето, какви и да се нивните ставови, едно нешто се смени; од пред неколку денови има нова влада во Софија. Видовте како доаѓаат некои позитивни пораки од Софија од новиот премиер Петков, што мислам дека е добра основа за работа. Секако, на последниот самит на ЕУ во октомври, беше јасно дека Бугарија беше осамена, како што кажав, но исто така и дека притисокот се зголемува врз Бугарија. Тоа е билатерален проблем кој нема никаква врска со преговарачката рамка меѓу С. Македонија и ЕУ. Во меѓувреме, ние на крајот сакаме просперитет и стабилност на Балканот и за тоа би сакаме двете земји да сте во НАТО и во ЕУ. И што подолго време треба за да се постигне тоа, се помалку тоа ни се допаѓа, така што, да, таков е притисокот врз Бугарија, но сржта на проблемите кои ги имате со Бугарија немаат врска со нас. Така што се уште сметам дека не треба да се претвори во нешто поголемо одошто е, исто така мислам дека со актуелната нова влада во Бугарија постојат секакви можности за истражување начини за да се реши овој проблем. Но, вашето прашање беше за популарноста на Бугарија во земјава. Секако, тоа има влијание врз луѓето. Не стануваат поомилени, тоа е јасно. А исто така, и тоа треба да го имате на ум, прашањето за почетокот на меѓувладината конференција за Северна Македонија е поврзана со започнувањето меѓувладина конференција за Албанија. Така што во мерењето предлози, прашања и идеи, морате да имате на ум дека постои и врската со прашањето за Албанија.
Трилинг: Многумина велат „Отворен Балкан може, но и не смее да биде алтернатива за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Дали „Отворен Балкан“ може да биде некаква замена?
Дирк Јан Коп: Како што реков, нашата цел е стабилноста и просперитетот на Балканот. Тоа значи дека на крајот ние сакаме да бидете во НАТО и ЕУ. Сите вие. Ако ги погледнете последните извештаи на ЕУ за напредокот, тогаш ќе видите дека на С.Македонија и оди многу добро во споредба со другите. Тоа е уште една причина да сте оптимисти за брзината со која С. Македонија ќе успее да ги спроведе реформите кои мора да ги заврши. Во меѓувреме, охрабруваме било каква регионална соработка. Секако, регионов не е без тензии, ако ги погледнете другите земји, какво било подобрување во соработката, ние го поздравуваме, во меѓувреме со големо внимание ќе следиме дали договорите кои се склучени во рамките на Отворен Балкан се во линија со регулативата на ЕУ. Зашто на крајот, крајната цел за С. Македонија е да ги усогласи сите свои закони и регулативи со оние на ЕУ.
Од време на време наидуваме на правила и регулативи и закони кои не се усогласени, па и велиме на владата да ги смени. И ова ќе биде во наредните години ќе биде континуиран процес. Владата ќе идентификува области каде правилата треба да се сменат. Да ги усогласиме со легислативата на ЕУ.
Не е ништо поинаква ситуацијата ни со Отворен Балкан. Ако се договорите со пријателите во регионот за регулатива која во некој момент да може без мака да биде инкорпорирана во она што го прави ЕУ, тоа е одлично. Ако во некој момент забележиме дека постои неусогласеност меѓу она што го правите вие и вашите пријатели и она што треба да го имаме на крајот, ќе го спомнеме тоа и ќе побараме од владите да го корегираат тоа.
Трилинг: Пред претседавањето на Франција, претседателот Макрон тестира идеја за ревидирање на европската историја Проектот „Историјата на Европа“, ќе има за цел да се бори против историски ревизионизам кој се населува во некои земји на ЕУ?
Дирк Јан Коп: Вистинското разбирање на историјата. Не сакам да го коментирам францускиот претседател, но вистинското разбирање на историјата мора да дојде од прифаќањето факти за сите луѓе. И триумфите и големите работи, заедно со црните страници. А секоја земја има црни страници во својата историја. Но, секако, на Балканот тоа не е лесно, историските погледи се доста фрагментирани, секој дел на Балканот има свој поглед на тоа какви се фактите… Секако во земја каде 1/4 од населението е од различно етничко потекло и со различна религија, тешко е да се постигне согласност за погледот на историските факти. Но, разбирањето на историјата е многу важно, но гледањето кон иднината е уште поважно. Тоа мора да се случи овде. Луѓето не треба да чекаат некој друг да донесе одлука за нив, тие треба сами да си ја одлучат иднината и да станат господари на сопствената судбина. Да, историјата треба да се знае, треба да се вкорпорира во животот на секое лице, но не сакате да заглавите во историјата кога мислите каде треба понатаму да се движи оваа земја. Не треба да сте премногу окован со вашата историја, но првиот чекор е да се договорите која е всушност историјата. Во земјава премногу често за мој вкус може да се види кога еден политичар ќе рече „Времето е убаво“, а другиот го запишува тоа за да го употреби против него кога ќе заврне.
Трилинг: Се чини дека Северна Македонија е во парманетни криза – политичка, економска, енергетска, социјална, па се до криза на моралните вредности. Дали на Северна Македонија и е потребно освежување на политичката сцена?
Дирк Јан Коп: Мислам дека е ова дел од балканската драматизација. Нема криза. Која криза? На пример, енергетската. Да, цените се покачуваат, но тие се покачуваат насекаде во Европа. Не само во земјава. Здраво е повеќе да се гледа земјава во споредба со другите. Мислам дека граѓаните во мојата земја плаќаат два, три пати повеќе за енергија сега. Порастот на цената во оваа земја, каде енергијата е субвенционирана е можеби 15% Не би го нарекол тоа криза. Пазарот во моментов тежок и нарушен, но тоа не е криза. Проблемите во земјава можат да се менаџираат, ова не е многу голема земја, на економски план на С. Македонија и оди релативно добро, во регионот но и во Европа во целост има многу земји кои се доста потешко погодени од короната од С. Македонија.
Па, економски е силна, валутата е стабилна многу долго време и се уште е таква, државниот долг не порасна многу…секако, порасна во текот на короната, но не на ниво каде треба да паничиме, а не гледам политичка криза, имавте локални избори, а не национални и дел од политичката рамнотежа се помести. Но проблемите кои земјата треба да ги реши се токму истите од пред и после локалните избори, а за кризата на моралот…
Запознав многу млади ентузијасти, добро образовани, кои имаат доверба во иднината на земјава. Единствената морална криза која можам да ја забележам е тоа чувство на префрлање на одговорноста, на која често наидувам. Чувството дека некако луѓето на оваа земја не можат да си ги решат сами своите проблеми. А на крајот ќе морате самите да си ги решите проблемите. Тоа е вашата иднина. Но исто така мислам дека сте способни за тоа. Јас сум во голема мера оптимист. Проблемите во земјава се решливи, и ќе ги решите, чекор по чекор, па не гледам криза.
На крајот би сакал да ви посакам среќен Божик и среќна Нова година.
Фала, и јас вам.
Се надевам дека сте во Скопје за Нова година со семејството?
Моето семејство ќе дојде овде за Божик. Се најубаво. Затоа што е убаво да се биде во оваа земја.