Интервју со професор Јордан Шишовски – ЛИДЕРСКИОТ ВАКУУМ ГО ШИРИ ПОЛИТИЧКИОТ ДЕФИТИЗАМ

Со избрзаната постапка за пад на Владата, опозицијата го врати во игра Премиерот Заев и владината коалиција. Владината коалиција неочекувано доби шанса за ново парламентарно мнозинство.

Евентуалниот датум за преговори со ЕУ може да го рехабилитира лидерот на СДСМ само меѓу сопартиците.

Според професор Јордан Шишовски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во континуитет се уште не покажува лидерска зрелост и стабилност.

ПО ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ ДЕЛЕГИТИМИРАН Е ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ. КАКВИ СЕ ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД НЕУСПЕШНАТА ИНТЕРПЕЛАЦИЈА НА ПОБЕДНИЧКАТА КОАЛИЦИЈА ПРЕДВОДЕНА ОД ВМРО-ДПМНЕ И КОЛКУ ОВАА ПОСТАПКА БЕШЕ ИЗБРЗАНА?

– Поразот на локалните избори не го делегитимира премиерот Заев толку колку што го делегитимира неговиот сопствен гамбит помеѓу двата круга на изборите. После првиот круг се увиде колапсот во поддршката на власта. Тоа произлезе како резултат од постојаните одложувања да се остварат клучните ветувања од страна на власта и несоодветните кадровски решенија. Втората група причини беше несоодветната изборна кампања со нејасни пораки, повлекувањето на кандидатурите на голем број градоначалници без образложение, нивна замена со за јавноста непознати кадри, како и неуспехот на владеачката коалиција, па дури и самата владеачка партија, да излезе обединета околу заеднички кандидати. Во очи на незначителен пораст на поддршката на опозицијата, воопшто не може да зборуваме за победа на опозицијата, колку за пораз на властта – од самата себе и заради самата себе. Оттука, наместо да ги преиспита сопствените позиции, премиерот Заев влезе во ризичен и однапред осуден на неуспех гамбит ставајќи ја сопствената функција за влог.
– Откако премиерот очекувано го загуби облогот, опозицијата наместо да бара „исплата“ на коцкарскиот долг на премиерот, влезе во сопствен, повторно никому непотребен, гамбит. Ставајќи го на коцка сопствениот лидерски легитимитет и кредибилитет. Со тоа опозицијата не само што си ги урниса сопствените позиции и можност за доаѓање на власт, туку го врати премиерот во живот.

ДАЛИ ЗАЕВ ЌЕ ПОДНЕСЕ И КОГА ОСТАВКА ОД ПРЕМИЕРСКАТА ПОЗИЦИЈА ИЛИ ДАТУМОТ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ ЌЕ ЗНАЧИ И НЕГОВА ПРЕМИЕРСКА РЕХАБИЛИТАЦИЈА?

– Евентуалниот почеток на преговорите со ЕУ може да го рехабилитираат Заев во очите на своите сопартици. Очигледното отсуство на стратегија, политичка визија и лидерство во опозицијата може уште некое време да го одржат премиерот Заев на површината. Сепак, надолната траекторија на поддршката на раководството на СДСМ кај независните граѓани е очигледна. Во ваква ситуација борбата за власт меѓу власта и опозицијата се сведува на тоа кој ќе „успее“ помалку да разочара. Ваквиот лидерски вакум во главните политички субјекти е штетен за иднината на земјата, а главни победници ќе бидат апатијата, резигнацијата и разочарувањето.

ЛИДЕРОТ НА ОПОЗИЦИЈАТА МИЦКОСКИ ГО ОПЕРИРАШЕ МРСНОТО ТКИВО, НО КАКО ЌЕ СЕ СПРАВУВА СО ЌЕЛИИТЕ ОД ПАРТИСКИТЕ СОУЗНИЦИ КОИ САКААТ ДА ГИ РАДИКАЛИЗИРААТ ОБИДИТЕ ЗА УРИВАЊЕ НА СОЈУЗОТ СДСМ-ДУИ?

– Изминатите неколку години лидерот на ДПМНЕ – Мицкоски, за жал, не покажа дека поседува визија ниту за иднината на неговата партија, ниту за иднината на земјата. Целата своја политичка кариера тој ја ориентираше околу омразата кон ликот и делото на премиерот Заев. Можноста за повлекувањето на Заев ги стави на тест лидерските потенцијали на Мицковски и неговиот кредибилитет пред домашната и меѓународната јавност. На очиглед – и шок – на домашната јавност, и на нашите сојузници од запад (веројатно и на нашите ривали од исток), Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ покажа целосно отсуство на лидерство и капацитети за управување со колаицијта. Обидот за правење непринципилен сојуз со политички субјект Левица, што е анти-западен, про-руски, со екстремно-националистичка и шовинистичка реторика, како и со степен на политичко шарлатанство без преседан во нашата политичка историја, дополнително ги урна можностите на опозицијата за враќање на власт во скорешна иднина. Оваа партија ќе мора да ги прифати меѓународните обврски на земјата и нема да смее повеќе да се обидува да профитира со несериозна националистичка демагошка реторика, ниту пак да коалицира со политички дилетанти.

СДСМ СО АПЛАУЗ ГО ДОЧЕКА ЛИДЕРОТ ВО ОСТАВКА? ДАЛИ РАКОВОДСТВОТО БЕГА И ОД СОПСТВЕНА ОДГОВОРНОСТА ЗА ДЕБАКЛОТ НА ЛОКАЛНИТЕ? КАКВА ИДЕОЛОШКА И ПЕРСОНАЛНА РЕПАРАЦИЈА И ТРЕБА ВО ВЛАДЕЈАЧКАТА ПАРТИЈА?

– Вината за дебаклот на локалните избори лежи исклучиво во самиот СДСМ. Исто како што и вината за дебаклот на опозицијата лежи во раководствата на опозициските партии. Оттука само со промена на раководството и темелна промена на принципите на внатрешно функционирање на партиите може да се очекува и евентуално враќање на довербата на граѓаните. Иако промената на раководството е возможна, помалку сум уверен дека е можна суштинска промена на матрицата на делување на традиционалните партии. Оттука сметам дека се наоѓаме во фаза на трајна ерозија на довербата на општеството во водечките политички субјекти. Охрабрувањата на граѓаните на овие избори да излезат преку независни граѓански политички здружувања, сметам, дека е иреверзибилен процес на создавање на нови политички субјекти со нови вредности и начини на дејствување.

ОД ПОНЕДЕЛНИК ДЕБАТА ЗА БУЏЕТОТ ДОГОДИНА. КОЛКУ ТРОШЕЊЕТО И ЗАДОЛЖУВАЊЕТО ЌЕ БИДЕ НОВ ПОВОД ЗА РЕАЛНА ПРОЦЕНКА ДАЛИ ОВАА ВЛАДЕЈАЧКАТА КОАЛИЦИЈА ЌЕ ВЛАДЕЕ ДО КРАЈОТ НА МАНДАТОТ, КОГА ИЗБОРИ?

– Во време на тешка здравствена криза предизвикана од пандемијата, во време на енергетска и економска криза, вниманието на јавноста не смее да биде насочено кон дневно-политичките драми на политичарите.  Без разлика дали на евентуалните предвремени избори ќе победи безидејната власт или безидејната опозиција, исходот за граѓаните ќе биде подеднакво штетен. Затоа сметам дека експертска влада составена од личности со јавен углед и експерти во сопствените области, без црни дамки на близина со бизнис-политичкото подземје, би била единствената позитивна разврска на политичката криза. Во меѓувреме охрабрен сум од сѐ поочигледните знаци на активно граѓанство. Граѓаните покажуваат дека се моќени и подготвени да ги преземат работите во своите раце – првин на локално ниво, а наскоро и на централно.