Николовски: Бугарската политика кон Македонија не значи и брз договор

Клучно е што во фокусот на новата бугарска Влада нема да биде само историјата во однос на Македонија туку ќе бидат опфатени и други прашања како што се инфраструктурните и економски прашања кои се важни.

Но и покрај најавениот нов пристап од страна на Кирил Петков кој веројатно ќе биде идниот премиер на Бугарија, треба да се биде претпазливи и да не се гаат илузии на никакво брзо решение за компромис, оценува новинарот и уредник во ТВ Сител – Марјан Николовски за веб-порталот „Трилинг“.

Бугарските гласачи третпат по ред се обидуваат да изберат промени, наспроти политиките на ГЕРБ и Бојко Борисов. Два неуспешни обиди со Слави Трифунов пропаднаа поради немањето политички капацитет за коалицирање. Третиот обид со харизматичните двајца бизнисмени, економисти, школувани на Харвард, предавачи на софискиот Универзитет, Кирил Петков и Асен Василев, дава големи надежи за антикорупциски, финансиски, економски, здравствени промени на бугарското општество.

Промените продолжуваат сами не можат да прават влада. Прв природен партнер им е Демократична Бугарија и Христо Иванов, но нивниот изборен резултат е за пет проценти помал од претходните избори.

Втор партнер е партијата на Слави Трофонов „Има Таков Народ“, но и сите три партии може да немаат доволно гласови. Во таква игра следен коалиционен партнер е БСП, на Корнелија Нинова. Како се ова на крај ќе финишира е прашање на капацитет за градење коалиции.

Во поглед за Македонија овие избори се суштински важни. Но сепак не треба да се биде преголем оптимист, не треба да се градат илузии за некакви брзи решенија. Работите треба да се гледаат поспокојно, но не и еуфорично.

Кирил Петков и Асен Василев, во ексклузивното интервју за Сител во саботата, ден пред изборите го најавија новиот пат што сакаат да го трасираат во односите со Македонија.

Клучно е што од историјата фокусот ќе го стават на сите прашања кои се важни. Работни групи од сите сфери со интензивна комуникација. Истиот став го потврдија и синоќа по изборите, што дава добра надеж дека ќе останат на него.

Но, треба да се има предвид дека како Претседател во Бугарија останува Румен Радев. Блискоста на ПП со Радев е неспорна, како што е неспорна позицијата на Радев кон македонското прашање, која и во услови на добри односи по договорот од 2017. беше тврда, објаснува за порталот „Трилинг“ уредникот и водител во ТВ Сител – Марјан Николовски кој е и одличен познавач на македонско-бугарските односи.