
Изложба на фотографии на младата авторка Јана Наскова ќе биде отворена вечер со почеток во 20 часот во културно-едукативниот центар „Лабораториум“.
Како што информираат од „Лабораториум“, станува збор за резултат на едномесечната резиденција реализирана во рамки на иницијативата „Градски ѕид за Нови Лица на македонската културна сцена“.
– Изложбата претставува прв јавен настан од оваа иницијатива, преку која „Лабораториум“ ги поддржува и афирмира новите генерации уметници и креативци од независната културна сцена. Во текот на изминатиот месец, Наскова работеше под менторство на реномираната фотографка Еџе Али, развивајќи авторски фотографски проект, инспириран од урбаниот простор околу неа – пишува во соопштението.
Наскова е родена во Скопје во 2001 година. Дипломирала интердисциплинарна програма по либерални уметности и науки, со фокус на филм, филозофија и литература, во Амстердам, Холандија.
– Нејзиниот професионален и активистички ангажман опфаќа работа во младински организации, образование, медиуми и граѓански иницијативи. Нејзината работа се движи на пресекот помеѓу уметноста, општествената ангажираност и личниот наратив – се додава во соопштението.
Се појаснува дека проектот „Нови Лица“ има за цел да открие, поддржи и промовира нови автори од македонската независна уметничка и креативна сцена.
– По јавен повик, стручно жири составено од културни работници, професори, уметници и професионалци избра осум млади артисти и креативци кои до крајот на оваа година ќе поминат низ едномесечни менторски резиденции. Секој учесник работи со искусен ментор кој го насочува и поддржува неговиот креативен процес, со цел создавање на ново авторско дело што ќе биде јавно презентирано во „Лабораториум“. Изложбата на Наскова е прва во низата од осум изложби, презентации и јавни настани во склоп на овој проект, што ќе се реализираат до крајот на годината, претставувајќи ги резултатите од соработката помеѓу младите автори и нивните ментори. „Лабораториум“ е приватен културно-едукативен центар во Скопје, кој во изминативе две ипол години функционира како простор за независна култура, едукација и социјализација. Со над 550 реализирани настани, меѓу кои работилници, изложби, концерти, театарски претстави, креативни базари, кино-проекции, радио програми и други активности, „Лабораториум“ изгради динамична заедница на млади уметници, креативци и проактивни граѓани, притоа поттикнувајќи нови форми на соработка и културно учество – се додава во соопштението.
Иницијативата „Нови Лица“ се реализира во рамки на проектот „Култура за развој“, поддржан од Владата на Швајцарија, а имплементиран од Хартефакт Фонд.
Изложбата е отворена за јавноста, а влезот е слободен.