Изгубениот дух на Европа

Убаво погодил Николас Бувие кога претпоставил дека на телото на стариот континент „Балканот е срцето на Европа“ гледајќи го и разбирајќи го како една органска целина.

А денес го живееме медицинскиот и социјален парадокс кога токму тој Балканот/срцето е надвор од телото/Европа. А сѐ што е неприродно/нелогично е долгорочно неодржливо, или телото ќе згасне или срцето ќе работи за некое друго тело.

Следејќи ја претходната логика, ако Балканот е срцето на Европа, тогаш во Македонија чука срцето на нашиот полуостров, а и тоа е поделено. Балканиве што Турците го означиле/осетиле како крв и мед, како нешто најслатко и како нешто најгорко и душата ѝ е некаде запустена по овие македонски предели/земји. Слегувајќи потаму во потрагата низ овие питорескни преспански убавини би требало да го бараме и заборавениот/изгубениот дух на Европа. Бидејќи единствено низ овој животворен кладенец на историјата ги гледаме миракулите на античкиот Свети Ахил и средновековниот ангел од Курбниново,  тој  предвесник што езди најавувајќи ја европската  ренесанса но, и богомилските подвижници како претходници на европската реформација. Оттаму, еден великан од овие простори, Трајан Стојановиќ, во својата култна книга, проучувајќи ја Балканската цивлизација ќе ја лоцира и обележи како „прва и последна Европа“. Ќе умееме ли да ги разбереме  овие длабоки пораки, и да ги преведеме во нашево современие да бидат инспирација за нов подвиг кој се очекува од нас. Затоа што нашево тело е сѐ  уште поделено, разлутено и раскарано, душата и духот повредени, па и самава Преспа е вода  поделена во две езера и три држави. Никако да се устроиме во иста фреквенција со божјиот хардвер кој ни ја приложил оваа чудесија, а  нашиов софтвер е тешко инфициран од предрасуди и омрази. Ние денешниве, не ги ни приметуваме овие две проточни езера кои веќе неколку милиони години, како најстари води капат и претекуваат низ овој балкон/чардак од Преспа во Охрид. Се одигрува оваа милениумска  божја претстава незабележано од нас замаени во ситни  дребулии.  Всушност, одовде  сме и политички омеѓени со Охридскиот и Пресапанскиот   договор, плус бугарскиот. За почеток, ни треба барем  две интервенции за да бидеме одговорни и кон природата и кон луѓето. Плативиме и плаќаме  преголема цена на поделбата, затоа отворањето на Маркова нога/Грција и Клепало/Бугарија не се само гест на разум и добра волја туку „два стента“ на срцето на Македонија за да може да функционира, па таа шенгенска Европа место лош тутор, да  научи од нас и трпеливост и добродетел.

Неопходно е да се сетиме денес и на крвавото  срце на Македонија-Кочани и да го споменеме Скопје кое  е еколошки и урбанистички рането не само во Чаир. Притоа, ова мора да го гледаме низ една посебна диоптрија и сензибилитет, не само како најболни точки, туку највеќе како последна шанса/тригер да се разбудиме и освестиме. На првата, таа сѐ уште  отворена рана да станеме емпаптични, а на втората како еко-урбанистички хаос да  станеме прагматични. Сметам дека сите награди не се орден што треба да се стави „на гради“, туку да иницираат нов замаец на доброто, што ќе препознае доблесни и умни сограѓани. Затоа „ова  срце“ ќе го префрлам на стадионот во Чаир да негува една „Балканска Слога“ за да мотивира на соживот и на цивилизациско однесување. Дури и самиот Апостол Павле нѐ потсетува велејќи – за оној што има уши само да го  чешаат, не бива да му се зборува, ама на тој кој има слух да чуе, очи да види и просветлен ум да го разбере шепотот на ветровите и говорот на водите, токму овде крај езерава ќе сфати дека не е доволна онаа заводлива литературна фраза оти „само убавината ќе го спаси светот“. Имено, ни треба еден здушен одговор во културата, за на кичот да му се ответи со естетика, на неправдата со правда преку извршување на законите и правото, на неодговорните трошење со рационално економско поведение. Замаглените јавни проекти се нуждеат од јасни приоритети и прецизни технички стандради, ни недостасува мудроста на филозофите и тактичноста на дипломатите да се преточи во здружна интердисциплинарна акција. Само така, може да сме спремни и достојни на актуелниве предизвици, зошто оваа генерација Македонци трчаат кон својата средба со историјата.  

Љубомир Кекеновски, Преспа, јули 2025 

(Реч по повод добивањето на наградата – Балканот срцето на  Европа)