„Воопшто не сум изненадена од наодите содржани во Ивештајот на Стејт департментот. Станува збор за длабоки проблеми, кои веќе подолго време се детектирани, и за кои во Националната стратегија за борба против корупција 2021-2025 година, донесена во Собрание на РСМ во април 2021 година, предложени се соодветни мерки и активности кои треба да се преземат од страна на Владата на РСМ и соодветните ризични сектори за корупција“, вели за „Трилинг“ Биљана Ивановска, поранешната претседателка на ДКСК по повод синоќешниот извештај на Стејт Департментот.
Истакна дека за ризиците од корупција кои ги дефинирале во Националната Стратегија за борба против корупција не се преземени соодветни контроли, а нивното негативно влијание врз трошењето на јавните пари и злоупотреба на службените позиции во јавниот сектор е далекусежно.
Според неа, станува збор за силно поличко влијание кое се манифестира преку: наметнување на политичката волја како „единствено“ решение за надминување на определен проблем во општеството; користење на дискрециони права од страна на политички именуваните лица; создавње перцепција дека политичката волја кај дел од носителите на политички функции е над законските решенија како и создавање пракса на толеранција и неказнивост за злоупотреба на политичко влијание.
Имајќи го предвид нискиот степен на реализација на активностите предвидени во Националната стратегија, (2021 – 20%; 2022 – 10%; 2023 – 14% ), сосема очекувано е да добиеме тешки наоди и критики заради неспроведување ниту на препораките од меѓународната заедница, ниту на препораките од независните институции во земјата (ДКСК, ДЗР), истакнува таа.
Кога во септември 2023 година, во Собранието на РСМ, со молскавична брзина, по скратена постапка и со европско знаменце се донесоа измените на Кривичниот закон, ДКСК излезе со став, дека борбата против корупцијата и понатаму ќе остане декларивна, бидејќи во отсуство на широка јавна расправа, експертска дебата и анализа на последиците што ги предизвикува ова законско решение, не се придонесува кон зајакната борба против корупцијата и организираниот криминал, напротив сериозно се загрозува правната сигурност во државата, и се зголемува ризикот од политички пазарења и трговија со влијание.
„Проблемот со владеење на правото односно неказнивоста, е нагласен и во овој Извештај на Стејт департментот. Овој висок ризик од корупција е нотиран и во Националната стратегија за борба против корупција, дотолку повеќе што ги предизвикува најголемите слабости во правосудниот систем преку бавно процесирање на важни предмети поврзани со висока корупција и организиран криминал во судските инстанци, исклучително мал број разрешници за големи случаи поврзани со коруптивно однесување и организиран криминал и слабо извршување на пресудите“, порача Ивановска за „Трилинг“.
Во Извештајот на Стејт департментот стои дека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) забележала генерално влошување на состојбата со корупцијата.
Оваа констатација на ДКСК, е резултат на погоре наведените ризици но и на следните факти: отсутво на интегритет на човечкиот фактор како клучен фактор за спречување или практикување на коруптивно однесување, понатаму, толеранција и перцепција на „дозволеност“ на користење на службени ствари за лични потреби, развиена култура на користење на роднински, пријателски и партиски врски и други притисоци врз вработените во јавниот сектор како и недоволна транспарентност на постапките во различни области каде има можност за злоупотреба на службената позиција и појава на други форми на корупција.
„За да се намали корупцијата во нашата држава, неопходна е висока свест и искрена заложба на сите чинители во општеството, во функција на остварување на јавен интерес за сите граѓани, наспроти личните и партиските интереси на поединци и носители на јавни фунции“, додаде поранешната претседателка на Антикорупциска во изјавата за „Трилинг“.