
ЗОШТО ДА ГЛАСАМЕ ЗА ЛЕВИЦА И ДУИ
Да, да, добро читате – на локалните избори треба да гласаме за Левица и ДУИ за да падне „бахатата“ влада на Христијан Мицкоски или, во најмала рака, да има предвремени избори. Во секој случај, реконструкција на ваквата влада е насушна потреба за Македонија и нашата иднина – и тоа итно.
Александар Бежовски
Да, да, добро читате – на локалните избори треба да гласаме за Левица и ДУИ за да падне „бахатата“ влада на Христијан Мицкоски или, во најмала рака, да има предвремени избори. Во секој случај, реконструкција на ваквата влада е насушна потреба за Македонија и нашата иднина – и тоа итно.
Штетните политики спроведувани од врвот на партијата на Христијан Мицкоски мора да запрат. Тука веднаш се поставува прашањето: дали Христијан Мицкоски реално ја контролира партијата?
А, оној кој ја контролира партијата – тој ја контролира државата!
Нас, обичните смртници, ова ни е тема за размисла, но секако ова прашање, најпрво и директно го поставувам до нашите НАТО-сојузници што составуваат некакви црни листи, кои – како што гледаме – да се изразам со речникот на Илија Димовски – се обична тоалетна хартија. Секако ние оваа политика на Мицкоски може да ја прекинеме на денеот на изборите.
Хјустон, повторно имаме ист проблем!
Многумина што сакаат да го величаат Груевски често поентираат дека тој лично и прецизно ја избрал Катица Јанева за да пропадне пржинскиот проект – СЈО.
Токму тоа и се случи – дополнителна, огромна хаварија во корумпираното судство поради лоши кадровски решенија.
Поранешниот амбасадор Бејли тоа одлично го „оплака“ во своето писмо на заминување.
Сето наведено логично ни наметнува да си го поставиме прашањето: дали и Мицкоски е избран по методите како и Јанева? Дали е математички прецизно избран наследник на Груевски?! Кој го избра Мицкоски? Дали некој му го режира неговото „Труман шоу“? Дали истиот лик пак се „заебава“ со Американците?
Како што се одвива владеењето на Мицкоски, почнуваме да гледаме потврди за можната теза на закоравените груевисти – бидејќи сè функционира како досега.
Да не ги редиме аферите со дипломите, нерационалното трошење на парите на граѓаните, трагедијата со „Пулс“, запалените депонии, наводите за милионски непотизам, поставување на партиски војници, наводи за милионски корупциски скандали, скандал по скандал. Ако сакате, може на тоа да ја додадете и трагедијата со младата Росица и непостапувањето на институциите по 70 пријави за малтретирање и „перењето“ на надлежните од одговорност – точно, мислам на МВР и Панче Тошковски.
Комплетно се повампири кадровската политика на Груевски и на Црвенковски, зачинета со ПР-стратегијата ала Вучиќ од Тему, сето тоа „залепено со маџарски лепак“. Лепакот на Орбан мора да е многу јак штом ги залепи србофилите и бугарофилите и ги обедини во политичкото и идеолошко делување.
Што е тоа што ги прави ВЛЕН подобри од ДУИ – само фактот дека се коалиционен партнер на Мицкоски?!
Нека кажат Албанците: дали осетија подобрување на животот, условите, стандардите, економијата, судството, бизнис-климата?!
Јас не гледам подобрување ниту во еден сегмент и кај двете заедници.
Точно е, ДУИ владееше коруптивно, но добар дел од „занаетот“ и практиките го учеа и од СДСМ, и од ВМРО–ДПМНЕ. Комплетно ја ископираа корупцијата и концептот на „длабока држава“ од ВМРО-ДПМНЕ, кои пак тие модели ги ископираа и надградија од СДСМ – поточно од таткото на сите заткулисни игри во Македонија, Лазар Колишевски.
Жизнерадосно, Марјан Ѓорчев лани пред изборите го “рехабилитираше“ Колишевски со тезата дека „Колишевски е најголемиот Македонец“ – сè со цел да помогне на Максим Димитриевски.
Ги помогна од Знам да имат „мост“ на кој ќе ги извади така наречените Асномисти од СДСМ. Асномисти се нарекуваат тие што не беа задоволни од промената на името спроведена од страна на Заев, неговиот став по повод решавањето на македонско-бугарскиот спор и, секако, „сељачката“ кадровска политика што ја спроведува сè уште.
Секако и јас се зачудив дека кумашинот на БЦ ќе ја реформира јавната администрација – одличен виц. Токму Црвенковски е таткото на комплетната партизација на државата додека владееше. Практиката на Црвенковски лично да се сретне со секој кандидат за било која функција, гледаме, Мицкоски ја надградил со тоа што секој предложен или именуван на некаква функција лично му се заблагодарува на премиерот.
Водителка на Алсат одлично поентираше во емисијата со Мицкоски кога го праша:
– Дали, ако според него Левица помага со учество во некои општини со албанско население на изборите на ДУИ, тогаш Мицкоски со неучеството во неколку општини му дава гума за спасување некому?!
Покрај сите наведени и ненаведени слабости, една од клучните причини зошто вреди да се размисли за гласање за ДУИ и за Левица е затоа што во политиката на Мицкоски, покрај сите наведени слабости, се гледаат контурите на повампирување на проектот „Отаде Групчин“ на мојата поранешна, покојна „шефица“ Доста Димовска.
А, странците како странци, ќе набљудуваат и ќе очекуваат фер игра на денот на изборите, без разлика на касапааната во позадина, очекуваат да се почитуваат процедурите и ќе соработуваат со победниците.
Како до сега, нели?!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“