Земјава со скок од 24 места според Индексот за перцепција на корупцијата

„Република Северна Македонија на листата според Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнл за 2021 година се наоѓа на 87 место од 180 рангирани држави, со 39 од можни 100 поени, што е раст од четири поени и скок од 24 места во однос на минатата година. Сепак земјата останува под глобалниот просек од 43 поени, заедно со две третини од сите рангирани држави“. Ова денеска го соопшти директорката на Транспаренси Интернешнл – Македонија, Слаѓана Тасева, презентирајќи ги наодите од ИПК за 2021 година.

Таа порача дека имаме подобрување, но резултатот е се уште низок и сме далеку од тоа што сме биле во 2015 година – 66 место.

„Она што посебно се забележува, според анализите на ТИ се однесува на подобрување на човековите права, а посебно во Косово и во Република Северна Македонија. Начинот на кој се спроведени последните избори, начинот на кој се одвиваат процесите на реформа, судските постапки кои се водени за случаи на висока корупција и работењето на независните институции, што во нашата ситуација тоа е Државната космисија за спречување на корупцијата, но исто така, се бележат и активностите кои што се преземени од страна на Владата, која што, ги направи и Акцискиот план за борба против корупцијата“ – изјави Тасева.

Северна Македонија 87. место го дели со Косово, Колумбија, Етиопија, Гвајана, Мароко, Суринам, Танзанија и Виетнам.

Првото место на Индексот за перцепција на корупцијата го делат Данска, Финска и Нов Зеланд со по 88 поени, додека на 180 место е Јужен Судан со 11 поени.

Од земјите од регионот најдобро рангирана е Словенија, која се наоѓа на 41 место со 57 поени и пад од шест места во однос на 2020 година, кога била на 35 позиција. Потоа следи Грција, која е на 58 место со 49 поени, што е раст од едно место во однос на 2020 година. Хрватска е непроменета на 63 место со исто 47 поени како и минатата година. Следна е Црна Гора, која е на 64 место со 46 поени и раст од три позиции во однос на 2020 година, потоа Бугарија, која е на 78 место со 42 поени, што е пад од девет места наспроти растот од два поени во однос на 2020 година.