„Протерувањето на Русите од Змискиот Остров претставува стратешка победа што значително го ограничува дејствувањето на окупаторот“ смета украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека се донело одлука за повлекување од Змискиот Остров како „знак на добра волја“, па потегот покажувал дека Русија не им пречи на напорите на Обединетите Нации да организираат хуманитарен коридор за извоз на пченица од Украина.
Од друга страна, Украина информираше дека ги избркала руските сили од островот со артилериски и ракетни напади, а Зеленски ја поздрави стратешката победа.
„Тоа сè уште не гарантира безбедност и не гарантира дека непријателот нема да се врати. Но, тоа значително го ограничува дејствувањето на окупаторот. Чекор по чекор, ќе ги истуркаме од нашето море, нашата земја и нашето небо. Супериорноста во огнената моќ на окупаторите сè уште е многу видлива. Едноставно, ги донесоа сите свои резерви за да нè нападнат“ – истакна Зеленски.