Најмалку 7 дена ќе трае идентификацијата на 45-те загинати во тешката сообраќајна несреќа во Бугарија, а сето тоа ќе се прави откако ќе им биде земен биолошки материјал на роднините на жртвите. Дури потоа ќе биде организирано пренесување на посмртни останки од Бугарија во Македонија, јавуваат надлежните.
По завршување на идентификувањето на загинатите, како што вчера изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи – МНР ќе ги преземе телата и ќе организира транспорт до Скопје.
Македонското Министерството за здравство информира дека седумте пациенти кои беа повредени во несреќата на автопатот „Струма“ ќе останат на болничко лекување во болницата „Пирогов“, а дури потоа ќе се направи план за нивен транспорт во Скопје.
Бугарското Обвинителство работи на случајот, вештаци и истражители работат на утврдување на движењето на автобусот, местата каде што одморал и брзината со која се движел.
Формиран бил тим со претставници на Агенцијата за патна инфраструктура и од Дирекцијата за национална контрола во градежништвото во Бугарија, кој во рок од 5 дена треба да изврши увид на местото каде што се случи несреќата.