Замрзнaa и цените на оризот, тестенините и јајцата
На денешната седница на Владата беше одлучено да се замрзнат цените и на оризот, тестенините и јајцата и тоа до 31. јануари 2022 година, информира министерот за економија Крешник Бектеши.
„На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе одлука за проширување на листата на производи за кои ќе важат цените кои се применувале на 1 декември 2021 година во трговијата на мало и на големо. Листата се проширува со три нови основни прехранбени производи: ориз, јајца и тестенини“ – првично напиша Бектеши на Фејсбук.
Според него, оваа одлука е со цел да се превенираат евентуалните поскапувања на овие основни производи кои исто како и другите основни прехранбени производи масовно се користат во исхраната на населението.
„Оваа одлука е со цел да се спречи натамошно пореметувањата на пазарот и отстранат штетните последици од пореметувањето на пазарот во поглед на снабдувањето на населението со основните прехранбени производи“ – се вели во Одлуката.