Новинарот Кајтази: Кумановската група се злосторници, Ахмети во Приштина бараше помош да се справи со нив

Косовскиот новинар Вехби Кајтази изјави дека т.н. „Кумановска група“ составена од косовски државјани кои ги предизвикаа крвавите инциденти во мај 2015 година во кумановско Диво Насеље, се злосторничка банда и немаат никаква врска со правата на Албанците во Северна Македонија.

Во дебата на тв „Дукаѓини“ тој изјави дека пред да се случи судирот на групата со македонската полиција, во Косово дошол лидерот на ДУИ, Али Ахмети за да побара помош од неговите некогашни соборци од ОВК и тогашните косовски власти, за справување со групата која почнала да оперира во Северна Македонија.

Кајтази вели дека Ахмети во Приштина бил испратен од тогашниот македонски премиер – Никола Груевски.

„Дојде Али Ахмети, се сретна со Рамуш Харадинај и го предупреди дека една вооружена група се движи натаму, но не добил одговор. Рамуш нé слуша, нека каже дека не е така. Се сретнал и со Хашим Тачи, кој не е тука, се сретнал и со Кадри Весели и со премиерот Иса Мустафа. Сите тие барале решение, затоа што вооружена група од Косово заминала таму и предизвикувала безредија“ рече Кајтази.

Тој тврди дека водачите на групата добиле пари, наводно 3 милиони евра, од „македонска служба”, која не ја именува, додека некои членови на групата не знаеле во што се впуштиле.

„Тоа е злосторничка банда, која вооружена до заби заминала таму и влегла во Куманово… Да не се правиме сега опортунисти и да прашуваме дали се терористи или не. Тие заминале во друга држава вооружени од Косово и нивните водачи зеле пари, за што излегоа докази, околу три милиони евра од македонската служба. Тие водачи барале пари, а некои од групата навистина не знаеле каде одат“ – рече Кајтази.

Убеден е дека акцијата на групата немала никаква врска со националните права на Албанците во Северна Македонија.

„Кои слободи и права на Албанците и кои се тие за да ги решаваат тие права! Заминале таму 30-40 или 50 лица и ќе ги решавале правата! Оставете ги тие работи, тоа е опортунизам и политика што го прават тие (политичарите). Длабоко во себе мнозинството мислат вака… Тие (кумановската група) се криминална банда која заминала во (Северна) Македонија, се борела со македонските полициски сили, меѓу нив и Албанци, загинаа осуммина полицајци, како и некои други лица и овој случај е затворен со децидна судска одлука. Случајот е во македонскиот Врховен суд и како што ќе одлучи тој суд ние треба да му веруваме“ – изјави Кајтази.

Осум полицајци и 14 осомничени терористи ги загубија животите во крвавата дводневна битка во мај 2015 година, а десетици беа приведени од полицијата. Ранети беа уште најмалку 40 лица.

33 обвинети добија затворски казни од 12 години до доживотно, а четворица се ослободени од обвинението.

Седуммина се осудени на доживотна затворска казна.