Заев – Реџепи: Односите меѓу Македонците, Албанците и сите други во Северна Македонија се братски и пријателски

Во Владата денеска премиерот Зоран Заев имаше средба со пратеникот Кастриот Реџепи кој не се појави во Собранието минатиот четврток кога требаше да има гласање за доверба на Владата. Информациите се дека двајцата соговорници ја потврдиле заедничката заложба за одржување и зајакнување на реформскиот и европскиот курс на земјата.

Од владината прес-служба информираат дека Заев и Реџепи изразиле уверување дека народната волја за мирно и заедничко живеење во Северна Македонија и натаму ќе биде изразена преку стабилно демократско мнозинство во Парламентот.

„Двајцата соговорници се согласни дека односите меѓу Македонците, Албанците и сите други етнички заедници во Северна Македонија се братски, пријателски и другарски и дека сите политички чинители имаат и обврска и одговорност овие односи да ги негуваат и унапредуваат“ стои во соопштението од Владата.