„Отворен Балкан“ е автентичен, заеднички процес на Северна Македонија, Албанија и Србија, но иницијативата е отворена за сите земји во регионот. Договорите за единствен пазар на трудот во регионот се од огромно значење за граѓаните. Ова во Тирана го изјави македонскиот премиер Зоран Заев во обраќањето на состанокот на иницијативата „Отворен Балкан“.
„Од првата средба во Скопје во јули и првото потпишување на договорите, покажавме дека силната политичка волја може да се трансформира во брзо функционирање на нашите институции, што несомнено го покажува нашиот капацитет како земји за спроведување брзи, ефикасни и напредни реформи. Токму овој капацитет ќе го покажеме пред европските институции на патот на нашите евроинтеграции“ – рече Заев.
Тој најави дека на состанокот во Тирана ќе бидат потпишани повеќе мултилатерални и билатерални договори во насока на реализација на основните права за слободно движење на луѓето, производите и капиталот.