Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство – Венко Филипче, на директорите и менаџерските тимови на клиниките од јавното здравство кои најнепосредно беа вклучени во борбата со пандемијата од КОВИД-19, денеска им ги предадоа плакетите што ќе им бидат врачени на околу 8.500 здравствени работници во земјата за нивното пресудно и исклучително важно учество справувањето со последиците од вирусот и епидемијата.
„Заедно со министерот Филипче и со останатите во тимовите непосредно задолжени за справување со пандемијата, како и со сите вработени во здравството кои несебично се ставија целосно на располагање со сите свои капацитети на првата линија, создававме соодветни мерки за да обезбедиме сигурност за секој граѓанин поединечно, како и за општеството во целост. Благодарение на навремените мерки и одлуки, македонскиот здравствен систем во текот на целата ковид криза функционира без застој. Најважна и пресудна улога за тоа остварување имавте вие – здравствените работници“ – рече премиерот Заев.
„Признанијата што денеска ќе ви бидат предадени за да им ги поделите на вработените, Владата ги доделува во име на народот и во име на благодарноста за тоа што вие и вашите колеги останавте до крај посветени и дадовте сè од себе за да го спасите, зачувате и подобрите здравјето на нашите пациенти. Огромен товар падна на вашиот грб и ја заслужувате најголемата почит и благодарност за хуманоста, грижата и пожртвуваноста. Во оваа борба со КОВИД-19 вие сте хероите“ – истакна претседателот на Владата.
Министерот Филипче во своето обраќање нагласи дека иако медицинскиот кадар целосно се посвети на борбата со пандемијата во континуитет се вршеа сите итни прегледи и интервенции, а лекови и терапија обезбедуваме во континуитет за сите пациенти.
„Секој ден не ни беше борба само со корона, туку и организација на здравствениот систем, секојдневни контакти со колегите, консултации за пациенти, долги состаноци за координација, тешки одлуки и лични судбини кои секогаш допираат.. И потоа повторно нов ден пред нас…“, рече Филипче.