Македонскиот премиер Зоран Заев денеска и утре ќе е во Тирана заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Албанија, Еди Рама.
Во рамки на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, ќе бидат потпишани 6 договори за соработка, меѓу кои и Договорот за услови за слободен пристап на пазарот на трудот.
Заев на заедничка вечера во Тирана ќе има неформална средба со Рама и со Вучиќ, а утре се планирани неколку средби.
Тројцата лидери утре во Палатата на бригадите во Тирана ќе одржат средба со членовите на делегациите и со претставници на Атлантскиот совет, на која ќе се разговара за Стратешкиот план за Отворен Балкан 2022 година.
Ќе се потпишуваат трилатерални и билатерални договори:
– Договор за услови за слободен пристап на пазарот на труд во Западен Балкан
– Договор за поврзување на шемите за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан
– Договор за соработка во областа на ветеринарството, фитосанитарната и безбедноста на храната и животните на Западен Балкан
– Договор меѓу Владата на Северна Македонија и Советот на министри на Албанија за взаемно признавање на одобрените овластени деловни субјекти за сигурност и безбедност (ОEOС)
– Договор меѓу Владата на Србија и Советот на министри на Албанија за заемно признавање на одобрените овласти деловни субјекти (ОЕОС).
– Договор за соработка меѓу акредитационите тела на Западен Балкан.