Жерновски: Германија потврди дека Мицкоски е Орбан Џуниор – бараме истрага за финансиските врски со Унгарија

Падот на авторитарниот режим на Виктор Орбан има директни последици не само врз целиот регион, туку и врз оние политичари коишто беа под негова директна заштита. Тука секако спаѓа и Христијан Мицкоски, наречен Орбан Џуниор, рече на денешната прес-конференција членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски.

Падот на авторитарниот режим на Виктор Орбан има директни последици не само врз целиот регион, туку и врз оние политичари коишто беа под негова директна заштита. Тука секако спаѓа и Христијан Мицкоски, наречен Орбан Џуниор, рече на денешната прес-конференција членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски.

Тој рече дека вчера германските медиуми го разобличиле Мицкоски како дел од „авторитарното братство на Виктор Орбан“.

Жерновски, говорејќи во врска со тоа што СДСМ изминатиот период го изнесувал, сега рече дека истото го потврдиле и германските медиуми.

„Прво, дека се работи за една голема транснационална мрежа која функционира под заштита, односно под директниот чадор на Виктор Орбан. И второ, мрежа која контролира медиуми, финансиски текови и која функционира врз основа на контрола на бизнисите“, рече Жерновски.

Она што според него граѓаните треба да го знаат, а е многу важно, е тоа што Германија и Европа го нарекле Мицкоски авторитарен политичар и го ставиле во друштво на Вучиќ и Додик. Целата таа група, додаде Жерновски, беше наречена авторитарно братство.

„Тоа е корумпиран систем на политичка, финансиска и медиумска контрола, директно спротивставен на европските демократски вредности, или ако сакате – продолжена рака на Русија во Европа“, рече тој.

Според него, германските медиуми го потврдиле тоа што СДСМ го зборувале, односно дека падот на Орбан ќе значи слабеење на автократските и антиевропските влијанија.

„Се сруши главното оружје што го користеше Мицкоски, а тоа беше тврдењето дека ова се само наративи на СДСМ. Не. Ова што денес Европа и Германија го оценуваат кај Мицкоски веќе не е напад на домашната опозиција. Ова се нарекува меѓународна дијагноза“, рече Жерновски.

Историската победа на демократијата над авторитаризмот во Унгарија, на Европа над корупцијата, или на владеењето на правото над злоупотребата, Жерновски вели дека испраќа порака до целиот регион.

„Овде веќе не станува збор за битка помеѓу власт и опозиција. Овде станува збор за битка помеѓу демократија и авторитарен режим. И тоа ќе биде изборот на следните избори“, додаде Жерновски.

Од СДСМ бараат истрага за сите финансиски и бизнис-врски помеѓу Орбан и Мицкоски, а до Министерството за правда упатија порака веднаш да побара враќање на Никола Груевски, по најавите од новиот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, дека земјата повеќе нема да биде засолниште за криминалци.

„Вистината е како шило, а правдата секогаш стигнува. Време е Никола Груевски да се врати таму каде што го направи криминалот, а тоа е Македонија“, додаде тој.