Советот за општи работи на Европската Унија денеска во Брисел ги усвои заклучоците за проширувањето.
Првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија се очекува да се одржат наскоро, но нема временска рамка кога тоа ќе се случи.
„Советот ја потврдува својата заложба за проширување, која останува клучна политика на ЕУ“ – се наведува во заедничката изјава на 27 министри за надворешни работи на ЕУ.
„Советот ја повторува недвосмислената поддршка за европската перспектива на Западниот Балкан“ – се наведува натаму.
Извесно е дека почетокот на преговорите нема да биде одобрен до крајот на оваа календарска година, но во заклучоците се наведува дека „Советот очекува првата меѓувладина конференција со РСМ и Албанија да се одржи што поскоро“.
Словенечкиот државен секретар за европски прашања Гашпер Довжан, по состанокот изјавил дека е задоволен што со колегите министри и државни секретари едногласно ги договориле заклучоците за процесот на проширување и стабилизација и асоцијација.
„Она што е важно се заклучоците на Советот, не ги споредуваме со претходните нацрти, некои формулации се тука од пред два месеца и повеќе, но бидејќи преговорите за вакви документи се многу долго, дефинитивно би го оценил денешниот ден како успех“, изјавил Довжан.
Тој нагласил дека ова е „пример за духот на компромис и лојална соработка на земјите членки“.
„Она што начелно предвидовме да го постигнеме не беше изводливо оваа година и ова е фактичката причина зашто ‘оваа година’ не се појавува повеќе во заклучоците“ – изјавил Довжан.
Во крајните заклучоци отстранета е референцата што ги поврзува процесот на проширување за Северна Македонија со имплементацијата на Договорот со Бугарија, меѓутоа оваа референца е присутна и во самата преговарачка рамка, објаснуваат дипломатите што имале увид во рамката.
Следниот состанок во Брисел е на Европскиот совет во четврток.