Ескобар: С. Македонија е доверлив партнер зашто им помага на САД и ЕУ да постигнат регионална стабилност

Без нашите пријатели и сојузници ова немаше да се случи. Ова е уште еден доказ дека Северна Македонија е доверлив партнер што им помага на САД и ЕУ да постигнат регионална стабилност.

Тоа доцна синоќа во Охрид го изјави американскиот преставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар по завршување на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ.

Тој ги поздрави и Белград и Приштина за, како што рече, постигнатиот тежок, но неопходен договор за воспоставување на мирољубиви и предвидливи односи меѓу двете страни.

„Тоа не само што ги отвора вратите за евроатланска интеграција на двете земји, туку ја отвора и вратата на регионот за нова ера на мир“, рече Ескобар.

Американскиот дипломат им се заблагодари и на претставниците на ЕУ за, како што рече, нивната напорна работа за постигнување на овој визионерски момент.

Можам да ви кажам дека САД ќе се заложат да помогнат во спроведување (на договореното) и тоа спроведување да биде во интерес на двете земји и на регионот. Ќе сториме се што е во наша моќ за да ја поддржиме имплементацијата, и на политички, и на економски и на секој друг начин, за да направиме мирот на Балканот да биде реалност, потенцира Ескобар.

По повеќе од дванаесет часа во Охрид, зад затворени врати, лидерите на Косово и Србија, Албин Курти и Александар Вучиќ, во Охрид постигнаа договор како да се имплементира договорот постигнат на 27 февруари во Брисел.