Ердоган се закани со репресија за медиуми кои ги нарушуваат основните вредности на земјата

Реџеп Тајип Ердоган – претседателот на Турција денеска им се закани на турските медиуми со репресија доколку шират содржина која ги нарушува основните вредности на земјата, што може да биде вовед во дополнителна цензура.

Во соопштението тој истакнува дека се потребни мерки за заштита на националната култура на Турција и спречување на штетниот развој на децата изложени на штетни содржини од сите пишани, аудио и визуелни медиуми.

Ердоган не ја прецизираше содржината, но рече дека ќе бидат преземени правни мерки против отворените или прикриени активности преку медиумите кои имаат за цел да ги поткопаат националните и моралните вредности и да ги нарушат семејните и општествените структури.

Ердоган, кој е на власт речиси 20 години, често ги критикува медиумски содржини што не се согласно конзервативните исламски вредности за кои се залага неговата Партија за правда и развој.