Ердоган: Иако Турција е изложена на неправда, ЕУ останува стратешки приоритет за земјата

Реџеп Тајип Ердоган – претседателот на Турција изјави дека и покрај фактот што неговата земја е изложена на неправда, Европската Унија останува стратешки приоритет за земјата. Ердоган пред амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Турција зборуваше за односите меѓу неговата земја и ЕУ. Рече дека на сите треба да им биде јасно дека Турција направила големи напори во контекст на борбата против илегалната миграција и тероризмот.

„Да не беа нашите напори, мигрантската криза уште повеќе ќе се продлабочеше, бројот на жртвите ќе беше поголем, тероризмот ќе станеше уште подив, нестабилноста ќе зафатеше многу поширока област. Се надеваме дека Европската унија ќе се ослободи од стратешката кусогледост во 2022 година и ќе ги развива односите со Турција похрабро“ – рече Ердоган.

Тој ја критикуваше ЕУ во контекст на кипарското прашање.

„За жал, ЕУ, додека слепо дејствуваше како портпарол на грчката страна, ги игнорираше правата и законите на кипарските Турци, кои се составен дел од областа“ – смета Ердоган.